дома прашуваме други колумна Кој кому му е поголем Албанец?

Кој кому му е поголем Албанец?

978
0

Искрено, се чудев дали да пишувам за популистичкиот испрдок на Билал Касами и за неговата упорност да се претстави пред јавноста како поголем Албанец од Ѓерѓ Кастриоти-Скендербег и Хасан Приштина, но фактот што му успеа само да искочи на една патека со карикатурата Артан Груби ме натера да напишам неколку реченици за Албанците кои се мои сограѓани и ги почитувам, бидејќи тие не заслужуваат вакви претставници во владата на Македонија.

Што направи Касами? Тој само ја „усоврши“ блескавата небулоза што ја изусти Артан Груби. Тепачот од Кале ги најави субвенциите за вработување на Албанци во приватниот бизнис, а пак Касами, за да не остане позади него го даде уште побизарниот предлог и во приватниот сектор да се воведе двојазичност, бидејќи како што вели лидерот на „Беса“, „дел од дипломираните Албанци, не говорат македонски јазик“.

Прво, господинот Касами треба да знае дека приватната сопственост е света работа во секоја една нормална земја која се стреми да не личи на Северна Кореја, Виетнам, Лаос, Венецуела и др. Второ, Албанците во Македонија не се неписмена раја и немаат потреба од неговите „султански фермани“ за да добиваат специјален третман.

Албанците, тие што ДУИ не успеа да ги избрка со своите „патриотски политики“ веќе 18 г, се доволно кадарни да си најдат работа или пак да си создадат свој сопствен бизнис. Сега и „Беса“ сака да се пушти во „мртва трка“ кој ќе даде попонижувачки предлог за „добробит“ на сопствените гласачи.

Ако поентата е да покажете заби на неалбанското население во Македонија, демек вие можете да добиете се што ќе посакате, ви препорачувам уште од сега да си најдете добар заболекар. Самите Албанци ќе ви ги искршат забите. Оти за разлика од вас, вашите гласачи немаат потреба да му се допаднат никому, тие знаат што е тоа респект кон комшијата и да, повеќето од нив не само што го познаваат македонскиот јазик, но и го владеат многу подобро од вас самите.

Јазикот е само алатка.

Вие сакате да покажете супериорност, во земја која има многу поголеми проблеми од оној да натерате некој што создал свој бизнис и вработил луѓе, да ви оди по популистичката гајда. Бидејќи на дневен ред не ви се предлозите како да им помогнете на приватните стопанственици да работат повеќе и да даваат поголеми плати за своите вработени без разлика на мајчиниот јазик, вие се фативте за популизмот… доаѓаат локални избори разбирливо е. Толку можете, толку нудите.

Инаку додека во Македонија владеат политичари од ваков ков, нема да бидат чудни изјавите како онаа на докторот Беќаровски за Док Холидеј.

Додека кај нас владее дивиот популизам на бадијала дипломираните и изгласани партиски функционери, докторите во Македонија ќе бидат тепани, а нивните колеги со партиски дипломи и вработувања добиени во штаб, ќе продолжат да го сметаат недопиеното кафе за поважно од здравјето на пациентот.

Зуцнете нешто за тоа!

Предложете сурови казни затвор за напад врз медицинско лице. Предложете исто така сурови казни и за докторите кафеџии. Направете нешто смислено и логично. Отидете до државните здравствени установи ширум Македонија, не се гетоизирајте! Видете во какви услови се лекува поголемиот дел од вашите гласачи и после зборувајте ми за праведност.

Вие со прст не мрднавте да ги средите институциите што се под државна капа и за кои плаќаме сите ние, тргнавте да им солите памет и да ги „субвенционирате“ приватњаците.

Кочете малку. Уште од сега ви кажувам господа, поголеми Албанци од Скендербег, Пјетер Богдани и Хасан Приштина нема да станете. Бидете сигурни!

Атанас Величков за Трибуна