дома прашуваме други Како исцелители, гатачки и бајачки успеваат во „ловот на души“?

Како исцелители, гатачки и бајачки успеваат во „ловот на души“?

1401
0

Во нашата култура, исцелителите, гатачките и бајачките, пророците се масовни и чести феномени. И покрај тоа што луѓето одаваат доверба на исцелителите, гатачките и бајачките, тие тоа го прават во тајност, а дури и кога го пренесуваат своето искуство тоа не го прават јавно и отворено, туку во строго доверливи кругови.

Од аспект на христијанството, овие категории на „духовни водства“ се подведени под именката „празноверие“ и Црквата се оградува од нивната улога и покрај тоа што тие се повикуваат на Бог, Свето Писмо и себе се претставуваат како “Божји луѓе“ .

Луѓето кои за свои духовни водачки порадо избираат гатачки, бајачки и исцелители, отколку духовни отци, психолози и психијатри се свесни дека постои нешто погрешно во нивниот избор поради што својата соработка со тие духовни лидери ја држат во строга тајнос.

Сепак овие духовни лидери успеваат да се воспостават како подоминантна фигура во однос на духовните отци, психијатрите и психолозите, а еве како успеваат во тоа:

Употреба на ладни пораки

Во говорите на исцелителите, бајачките и гатачките има информации кои се однесуваат за вас, за себе не говорат како за личности и човечки битија, туку како „медиум“ преку кој се обраќа „Божјиот глас“.

Во нивните говори нема рамноправност, емпатија или информации за нив како личности, тие не постапуваат од позиција на „Јас“ туку говорат постојано во „Име на Бог“.

На тој начин се прави злоупотреба на природата на човекот како социјално суштество и потребата да воспостави врска со другиот. Недостатокот на информации за другиот како рамноправно суштество и личност, ги пренасочува нашите „бази“ на етаблирање на односот и ние почнуваме да се поврзуваме со некое апстрактно, врховно и идејно суштество (Бог) кој е осмислено да се воспостави како супериорно во однос на нас.

На тој начин ние автоматски ја прифаќаме улогата на подредени суштества на кои им треба водство и тоа е ментална варка од која многу луѓе не можат да го видат излезот.

Анихилирање на заблудата може да настане само ако се обидеме да ги согледаме фактите во кои единствено имаме увид а тоа е дека – исцелителите, бајачките и гатачките се човечки суштества кои немаат поразличен тип на перформанси од нашите – чекорат по земја (не лебдат), употребуваат раце на ист начин, зборуваат со помош на говорен апарат, немаат крилја или некоја друга вишок карактеристика од нашата. Што значи дека разликата кои тие ја фаворизираат се наоѓа само во нивниот говор односно во она што тие го кажуваат.

Сè што треба да знаеме дека сведоштвата се крајно лични и дека сè што може да исцрпете од говор на еден човек е само „пат“ за запознавање на неговата субјективност, но тоа не ви е никаков репер за објективната реалност. Вие може да допрете до неговите искуства, верувања и сл. Дури и да не се сомневаме дека тој ги имал мистичните искуства, тие секогаш ќе бидат само „негови искуства“ и ние не можеме да имаме спомени, сеќавања или сопственост над туѓите искуства.

Затоа приказните од типот „тој настан го видел познаник на мој познаник во синџирска релација до недоглед“ се само ловечки приказни кои треба да ги гледаме како „умствена моќ за произведување на имагинации и митови“, но не и како патокази кон објективната реалност или да ги земаме „здраво за готово“.

Ладните пораки имаат голема моќ врз луѓето. Неслучајно нè привлекуваат луѓе кои не откриваат ништо за себе и постојано се фокусирани на вашите дејства и говори. Тие просто имаат магепсувачко дејство врз нас.

Данскиот егзистенцијалистички филозоф Сорен Киркегор во „Дневникот на заводникот“ во суперлативи, зборува за својата свршеница Регина Остин. Делува најзасегнат со нејзините проблеми и животни настани, делува дека се грижи за нејзините емоции но ја раскинува свршувачката со многу необјаснливи мотиви по што Регина Остин е вчудоневидена.

Значи, внимавајте од луѓето кои претерано ви покажуваат внимание и грижа никогаш не зборуваат за себе или доколку зборуваат се поставуваат на супер-ординирана позиција како помудри, повозрасни, поискусни или попаметни.

Веројатности

Веројатноста дека еден пророк, толкувач на вашата судбина, кој не знае ништо за вас ќе погоди нешто за вашиот живот е 50%, што е многу висока веројатност.

На пример, во своите толкувања овие „ловци на души“ се служат со нагаѓања – или сте во љубовна врска или не сте – веројатноста да сте во љубовна врска е 50%, веројатноста да не сте е исто така 50%, кој и одговор да го даде толкувачот на „вашата судбина“ веќе е на пола пат до вистината.

Во целокупниот преглед на вашата личност и животни ситуации, голем дел толкувачот на вашиот живот ќе го погоди со помош на математичка веројатност, но вам секогаш ќе ви делува многу „почудно“ од каде „ги знае“ работите за вас што ги погодил со математичка веројатност, а сосема очекувано ќе ви е што не ги знае, односно не ги погодил работите кои вие не сте му ги кажале и не постои друг извор на податоци.

Ловците на души добро знаат како функционира човечкиот ум и дека го интригираат работите што не може да ги види или да ги објасни, а таа интрига создава парализа (умствена зависност, немост, немање одговор и објаснување, се случува грешка во „умствениот софтвер“).

Игра со емоции

Емоциите се најфлуидниот дел од нашето суштество. Во нив се продира исто толку лесно како што раката или телото продираат во вода. Емоционалниот дел кај човекот нема филтри.

Ловците на души ќе ви се населат токму во тој емотивен дел, ќе ви понудат поддршка, ќе зборуваат со вас слаткоречиво, ќе ве убедат дека сте вредни за љубов која никој досега не ви ја дал на правилен начин и дека вие го заслужувате најдоброто а тие може да ви помогнат да го најдете.

На тој начин имаат силно сугестивно дејство врз вас. Дури и кај луѓе кои ги знаат пристапите на овие луѓе, пораките може да имаат сугестивни ефекти токму затоа што нивната цел е да се удира на емоции.

Ваше право е кому ќе му ја дадете својата доверба, ќе му дозволите да прави пејсажи по вашата душа, но хетерономијата и водството од страна секогаш треба да се третира само како помошна алатка. На пример наставниците се само помошно средство да ја изградите вашата личност, да изградите ваши ставови и да доаѓате самостојно до знаења, па дури и преиспитувајќи ги оние на кои тие ве научиле. Или како што гумени мускули ви се потребни за пливање се додека не научите да пливате сами. Секој тип на водство има само помошна улога и затоа никому не треба да му ја доверите вашата душа и да се препуштите.

Магдалена Стојмановиќ