Наде Стојилковиќ е авторка на романот „Ќерката на дрвосечачот“ што стана една од најпродаваните книги од македонски автори во Македонија. Вториот роман на Наде Стојилковиќ со наслов „Тајната на Алексови“ исто така доживеа голем успех, поради што Наде е препознавана како една од најчитаните македонски автори од страна на читателската публика.

Во интервју за „Мој збор“, открива како епидемијата влијае врз нејзиниот творечки потенцијал и какви промени предизвикала во нејзиниот начин на живот, како го разбира процесот на создавање на едно литературно дело, своите искуства во поглед на објавувањето и пласирањето на едно дело пред публика, но и открива дали постои рецепт да се напише книга која е „бестселер“.

„Ќерката на дрвосечачот“ беше една од најпродаваните книги од македонски автори минатата година

  • Книгата „Ќерката на дрвосечачот“ беше една од најпродаваните книги од македонски автор изминатата година. Фактот дека книгата е „бестселер“ за 2019 година е показател за вашата успешност како автор. Дали очекувањата за таков успех на книгата е примарен при нејзино пишување, или сепак е во прашање некоја „инхерентна потреба“ на авторот да се изрази без да размислува за пласманот на книгата по нејзиното издавање?

-На ова прашање одговарав во неколку наврати и секогаш го кажувам истото – јас не сум типичен автор кој може да зборува воопшто за издавањето на книгата, а најмалку за тоа колку и каква ќе биде нејзината продажба. Ова го кажувам затоа што кога започнав да ја пишувам, јас воопшто не размислував за тоа како и што ќе биде со неа.

Тоа беше една приказна која сакав да ја ставам на хартија и јас бев окупирана само со тоа, затоа и секој збор е напишан со душа, без размислување дека еден ден ќе се издаде како книга, а најмалку пак помислував дека ќе стане бестселер.

Но, откако го завршив ракописот, сега ми се чини дека тоа веројатно е некоја нормална фаза, почнав да размислувам да го издадам во книга и истовремено почнав да барам издавач. Значи, за мене јас слободно можам да кажам дека пишувањето беше таа „инхеретна потреба“ да се изразам, да создадам нешто, а не размислување за успех на тоа што го напишав, кој патем морам да кажам дека и мене лично ме изненади.

  • Важи општоприфатено мислење дека македонските автори не се фаворизирани од страна на македонската публика и дека читателската публика во Македонија почесто избира да чита книги од светски признаени мислители и добитници на „Нобелова“, „Пулицерова“ или „Гонкурова“ награда отколку македонски автори со домашни признанија. Какво е вашето искуство по тоа прашање и дали сте задоволна од начинот на кој вас како автор ве препознава и доживува публиката?

-Тоа е точно и сè уште постојат луѓе кои едноставно ноншалантно велат: „Ах, домашен автор, јас тоа не читам…“ Но мојот впечаток е дека работите барем во последните две години се менуваат позитивно во тој правец, секако во корист на македонските автори.

Искрено, јас тоа можеби и прва го почувствував со „Ќерката на дрвосечачот“, која се печатеше и продаваше со вртоглава брзина. Четири изданија се продадени за осум месеци, а во продажба е веќе и петтото. Истото се случи и со втората книга „Тајната на Алексови“, чие прво двојно издание беше распродадено за неполни три недели и веднаш беше отпечатено второ двојно издание.

Ретко кој автор кај нас може да каже дека продал книги во бројки со четири цифри, најчесто се издаваат и продаваат од 300 до 500 примероци, евентуално има второ издание и тука завршува приказната. Продажба на тиражи од 2.000, 3.000 примероци е мислена именка. А мене токму тоа ми се случи, а за среќа можам да кажам дека книгите и понатаму се многу барани одлично се продаваат.

Кај мене секојдневно доаѓаат и десетици пораки од читатели, морам да нагласам повеќето читателки, иако има и многу рецензии и мислења и од машка читателска публика, кои посебно ми се драги, затоа што книгата е драма – жанр што почесто го чита женската читателска публика. Верувајте дека тие се воодушевени од фактот дека книга од македонски автор толку им се допаднала. Едицијата на издавачката куќа „Сакам книги“ под која излегоа моите две книги е наречена СВЕТСКИ, А НАШИ, а луѓето токму така и ги нарекуваат – „светски, а наши“. Јас како автор на книгата, пак, бев изненадена колку убаво луѓето ја прифатија приказната. Сето тоа бараше и средби и близина со читателите.

„Тајната на Алексови“ е втор роман од Наде Стојилковиќ кој заинтересира бројна читателска публика низ Македонија

  • Дали сметате дека издавачките куќи во Македонија и општо играат голема улога кога е во прашање уредување, издавање и промоција на една книга и колку е нивниот удел важен за една книга да стане „бестселер“ како вашата?

-Секако дека на прво место е книгата. Ако таа не е привлечна за читателите, не знам што да направи издавачот, не знам каков маркетинг да употреби, тој ќе распродаде еден тираж, па уште еден, ајде еве некако ќе дојде и до третиот, но што понатаму? Доколку книгата е привлечна за читателската публика важи онаа народната „добриот глас далеку се слуша“. Така беше и со моите книги. Ние немавме речиси никаков маркетинг, ниту издавачот, ниту јас лично посебно. Иако сум долгогодишен новинар, па ќе рече некој дека барем од колегијалност новинарите требаше да направат неколку интервјуа и да ја испромовираат книгата (чест на ретките исклучоци). Тоа е што се однесува само на маркетиншкиот дел, додека за уредувањето, издавањето, убаво организирана промоција за да се претстави книгата, пласирањето на кинагата, секако тоа е многу важна задача која издавачот мора да ја изврши и тоа да го направи убаво. Верувајте дека издавачите на моите книги Сакам книги многу убаво знаат да работат, тоа досега го докажаа прво со преводите на многу еминентни странски автрои, а сега последните две години и со македонски автори. Тимот на „Сакам книги“ морам особено да го пофалам вака јавно особено и за тоа што им даде шанса на млади автори на кои им беа издадени први книги.

  • Наде Стојилковиќ е успешен автор, но што преферира Наде како читач? Кои книги или автори ги преферирате и дали тие ви се некој вид на „инспирација“ и метод да го градите својот идентитет како автор?

-Јас читам од многу малечка и некако имам чувство дека „сум се родила со книга во рака“. Нема ден да не читам, а обожавам книги кои имаат убава приказна. Класиците ги имам одамна прочитано, а знам и да им се навратам, но сакам и современа литература која секако не носи во тек со денешницата.

Мои писатели-учители секако беа единствените познати имиња во времето на осумдесетите, деведесетите години како Даниела Стил, Сидни Шелдон, Харолд Робинс, кои произведуваа милионски тиражи и беа преведувани на многу светски јазици, но денес веќе има многу светски автори од кои можат да се прочитаат убави книги.

Особено се актуелни скандинавските автори со нивните трилери, а мене искрено и ми се допаѓаат, но јас бидејќи сум по драмите ги читам најмногу Халед Хосеини, Кристин Хана, Колин Хувер. Од домашните автори, мислам на овие од поновата генерација сега започнав да читам и за жал немам многу прочитани книги, додека од постарата литература обожавам да читам книги од еминентни имиња како што се Петре М. Андреевски, Блаже Конески, Владо Малески, Видое Подгорец, Горјан Петрески и да не ги редам сите.

Промоција на два македонски романи во Виница – Општина Виница
Промоција на романот „Ќерката на дрвосечачот“ во Виница

  • Ние сме во време на епидемија кога многу работи поврзани со нашиот живот и секојдневни навики се променети. Како тоа на вас како автор влијае? Дали подолго поминато време дома ви дава повеќе простор за творење или сепак тоа што сме ограничени во нашите социјални активности ви дава впечаток на затвореност, неможност да црпете инспирација и ви го загрозува творечкиот потенцијал?

-Поминувањето повеќе време дома ми даде повеќе шанса да читам, отколку да пишувам. Не затоа што немам идеја, но искрено прво самата ситуација на секојдневно исчекување на нови информации за короната – колку има болни, а колку починати, има депресивно влијание врз сите нас. Мојот син живее во Прага, тој не може да дојде ниту за пасошот да го обнови, ниту јас не можам да одам да го видам, што секако е момент кој исто така ми создава немир и нервоза.

Имав и уште еден пех, во мај ја скршив клучната коска на десната рака, па таа рака веќе подолго време е помалку употреблива и во процес на лекување – гипсови, физикални терапии, а самата болка создава нервоза. Едноставно ми требаше време да ги прифатам сите тие работи. Не велам дека сега сум помирена со ова што ни се случува, но постепено навикнувам да живеам и со короната и со синот кој го гледам само на скајп и со болките во раката.

Секако мојот мозок не мирува за тоа време, но како што и самите велите, таа затвореност ми го отупува творечкиот потенцијал, иако нови идеи имам, веќе се зацртани, само ќе ми треба подолг период на реализација.

  • Дали подговувате некој нов наслов за љубителите на книгите и што би им препорачале на читателите на „Мој збор“ кога е во прашање дилема или правење на избор за читање?

-Да, веќе кажав дека имам во предвид нов наслов, но не можам да ветам дека тоа ќе биде толку брзо, сепак треба време убаво да се разработи една тема. Јас пишувам и раскази, имам подготвено повеќе раскази или „таман“ за една книга, па се надевам дека ако не успеам со побрза реализација на нов роман, ќе ја отпечатиме книгата со раскази, кои се исто така мини-драми и кои верувам дека ќе им се допаднат на читателите.

Што да им препорачам на читателите на „Мој збор“? Па јас имам своја листа од омилени топ 10 книги, топ листа од омилени 100 книги, еве од тие листи ќе наведам само неколку наслови кои јас многу ги сакам – Порта на солзите од Абрахам Вергезе, Збогум најмила од Кристин Хана, Јас те сакам повеќе од Лиса Гарднер, Библија на отровните маслинки од Барбара Кингсолвер. Тоа е од современите автори, а од класиците Клетници од Виктор Иго, Грофот Монте Кристо од Александар Дима, Тивкиот Дон од Михаил Шолохов, Џени Герхард од Теодор Драјзер, Смртната пролет од Лајош Зилахи

Интервјуто за „Мој збор“ го спроведе Магдалена Стојмановиќ