дома прашуваме други колумна За каков свет не подготвуваа нашите родители?!

За каков свет не подготвуваа нашите родители?!

1402
0

Додека во современо доба родителството се базира на љубов, грижа и внимание кон децата покажано низ нежности, во минатото родителството се засновало на многу поинакви стандарди.

До пред неколку децении на родителите им било поважно да ги подготват децата на „суровиот свет“ што ги очекува бидејќи биле свесни дека нема да можат ниту тие цел живот да им помагаат во животната борба, а ниту имало институции кои ја заслужувале довербата кај луѓето и кои ќе посредуваат во етаблирање на „мир, безбедност и благосостојба“.

Од тука воспитувањето како процес во минатото многу се разликува од најзастапените модели на воспитување во денешно време, а и улогата на родителот има поголема екстензија за разлика од минатото.

Каков тип на родител беше родителот од пред неколку децении за разлика од денешниот тип на родител?

How Work Flexibility for Parents Can Be Life-Changing - 1 Million for Work  Flexibility

Нашите родители не гушкаа само додека спиеме и не фалеа само во наше отсуство

За разлика од денешните родители кои ги преплавуваат своите деца со нежности и пофални зборови кои се стимулатвни за нивната самодоверба, нашите родители можеа да покажуваат нежности само додека спиеме и да не пофалат само во наше отсуство.

На тој начин родителите сакаа да покажат дека светот не е комотна зона и дека секогаш можеме да наидеме на нова пречка без разлика на моменталниот успех. Борбеноста кон остварување на целта ја поткинуваа со тоа што целта постојано ја оделучуваа од нас.

Сегашниот родител е секогаш присутен во животот на своето дете, родителите од нашето време беа тука само ако навистина не можевме да се справиме со ситуацијата без нив.

Многу е поважно да бидеме јаки отколку сакани

Современите родители ништо повеќе не ги сакаат децата од родителите од нашето време, иако навидум така изгледа бидејќи постојано ги покажуваат своите емоции.

Но родителите од нашето време не учеа како да преживееме и кога ќе сме сами, затоа што е поважно да се чувствуваме сами и потпрени на себе, отколку сакани и зависни од внимание.

Современите родители не покажуваат разочарување

Додека родителите од нашето време отворено знаеја да покажат разочарување доколку направиме нешто погрешно или не ги исполниме барањата на општеството, за денешните деца се чуваат само стимулирачки емоции.

Нашите родители не подготвуваа за свет во кој владее критика, суровост, борба за свое место под небото. Денешните родители се инструментализирана алатка на своите деца, преку кои децата секогаш го добиваат тоа што го сакаат и во животот секој однос го гледаат низ призма на родител.

Затоа денеска доколку наставникот ги коригира постапките на детето во училиште родителите веднаш интервенираат во насока на спречување на друго воспитно влијание и од наставниците бараат кон нивните деца да се однесуваат идентично како и самите родители.

Современите родители не се само родители туку се во животот на своите деца

Додека претходните генерации точно знаеа да препознаат улоги, разликуваа родители од пријатели, пријатели од другари, другари од колеги и понатаму, во животот на децата од денешната генерација родителите се преприсутни во животот на своите деца и тие им ги заземаат скоро сите улоги во животот на детето.

Денешните родители заедно изгледуваат со децата, ги носат по забави, се спријателуваат семејно со родителите на нивните другарчиња, тие подобро ја знаат материјата од наставникот, тие подобро знаат какви наставни програми треба да има во училиште од луѓе што цел живот работат на воспитание и образование.

Просто денешните родители се „премногу родители“ и затоа децата остануваат инфантилни подолго време или „деца цел живот“ останувајќи неподготвени да преземат ниту една друга улога во животот освен улогата на дете за кое секој треба да се грижи и безусловно да го сака.

Родители пред кои нема тајни

Нашата генерација имаше потреба да создаде тајни од своите родители кога прв пат пробавме цигара, кога прв пат пробавме алкохол, прв бакнеж, сексуално искуство и сл. Родителите за нас беа авторитети кон кои треба да се има стравопочит.

Денешната генерација на деца воопшто нема потреба од тајни и тие отворено зборуваат за се со своите родители. Тој либерален однос оди дотаму што родителите заедно со своите деца седнуваат на иста маса додека пушат џоинт, што до пред неколку генерации беше незамисливо.

-Овој текст може да содржи вредносна ориентација поради субјективните искуства на авторот кои се нераскинлив дел од авторувањето и покрај настојувањето да се задржи научна објективност и доследно спроведување на логичкиот метод. Сепак не служи да покаже кој тип на родителство е подобар или полош во однос на другиот, туку само да се направи споредба чии импликации се подложни на различни толкувања во зависност од перцепцијата на посматрачот.

Магдалена Стојмановиќ

Авторот е м-р по социолошки науки и дипломиран професор по филозофија