дома прашуваме други колумна За една држава која не се вика како што се вика и...

За една држава која не се вика како што се вика и за еден народ кој го нема тоа што го има

1930
0

Пред десетина дена ние во Северна Македонија го прославуваме „Денот на независноста“ на Република Македонија.

Воопшто не беше јасно кој е поводот за славење на независност на држава „Република Македонија“ во држава „Република Северна Македонија“. Логиката укажува на тоа дека доколку постојат две различни имиња постојат и два различни ентитети, инаку доколку законот за идентитет доследно се применува и A е еднакво на А, тогаш другото А не би имало потреба да се преименува во Б. Значи ако има А и Б тогаш се создала потреба да се укаже на некаква разлика помеѓу двата ентитета преку нивно различно именување.

Во 1991 година граѓаните на Македонија одговараа на рефендумско прашање кое гласеше: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“ и на кое повеќе од 95% од гласачите дале потврден одговор. Македонија стана независна и излезе од една федеративна творевина наречена СФРЈ, составена од народи кои говорат слични јазици и меѓусебе се разбираат. Во која и држава од поранешна Југославија да седнете да испиете кафе можете да се разберете со луѓето додека тие го зборуваат нивниот јазик, а вие вашиот. Ние продолжуваме да го славиме излезот од една федерација со многу ентузијам додека се почесто се зборува за идеја за федерализација на Македонија, но овој пат, федералната држава ќе има во состав уште еден народ – албански со кои немаме многу сличности во поглед на културниот идентитет, ниту голема блискост и љубов.

После скоро три децении од постоење на независна Македонија ја имаме следната фактичка состојба: Добивме – промена на уставно име, спор со Бугарија околу историски личности, статус на јазик и етнос во момент кога има стотици илјади луѓе од Македонија кои се декларирале како Бугари и добиле бугарски пасоши, имаме спикер на Собрание Албанец и најава за федерализација на Македонија, знамиња на НАТО и ЕУ во Парламент што на просечниот граѓанин ама баш ништо не му значат и секако големо лицемерие во поглед на толкувањето на фактите и симулирање на вистината од нашите политички лидери.

Нашата неподготвеност како народ да се бориме за зачувување на својот идентитет, специфика, обележје и да го негуваме и унпредуваме лежи во нашата кревка свест, малку знаење, страв и потиштеност и неразбудена нацонална свест.

Залудно пееме македонски песни, играме македонски ора, зборуваме македонски јазик и гордо го истакнуваме тоа во кафана, по дома или по гости, кога немаме зрелост, истрајност и знаење да го потврдиме нашиот идентитет со политичко дејствување, да создадеме институции кои се здрави и темелни и да се спознаваме самите себе како народ. Спознавањето на сопствениот народ, сега стана демоде, а егзотика е да се истражуваат нови култури, да се има еден универзален идентитет – космополитски и мирљубив. Токму тој универзален идентитет не прави идентични, униформирани како војничиња, додека сите живееме во заблуда околу индивидуалната посебност во однос на другите.

После 30 години од независноста на Македонија имаме некоја Македонија која всушност ја немаме, оти не е наша, сечија е и сите имаат право да бидат поголеми Македонци од Македонците, и Грците и Бугарите, само народот кој со векови се идентификувал со именката „Македонец“ нема право да биде тоа. Тоа е лицемерието што ние го прифаќаме како доблест, тоа е симулакрумот што го прифаќаме како вистина, тоа е тој народ кој се уште живее под убедувањето дека „Наведната глава сабја не ја сече“!

Магдалена Стојмановиќ