Министерката за образование и наука, Мила Царовска денеска истакна дека кај првите три одделенија кои доминантно почнуваат со физичко присуство, ќе може да се искористат сите потенцијали наставата да се организира во две смени.
Тоа значи да се поделат учениците во групи. Останатите одделенија, појасни таа, ќе ја почнат наставата со групи помали од 20 ученици.
Царовска појасни дека учениците од прво до трето одделение почнуваат со физичко присуство заради развој на моторика, описменување и соочување првпат со образовниот систем, и ќе им биде овозможено да се искористат сите потенцијали, просторски и кадровски, да се организира наставата во две смени и да ги поделат учениците во групи.
Министерството за образование има динамички план кој е адаптибилен на новонастанатите состојби со епидемијата, што значи дека доколку училиштата кои ги исполнуваат условите за физичко присуство наидат на ризик за ширење на инфекција тие ќе бидат префрлени на реализирање на наставата преку учење од далечина.
Министерката за образование Мила Царовска истакна дека министерството има капацитети за спроведување на настава преку учење преку далечина на цела територија на Македонија.
Извор: Канал5