Претседателот на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, Васил Стерјовски, во интервју за албанската телевизија (MCN) изјави дека власта и опозицијата во Албанија се против формирање на општините Гора и Голо Брдо, населени со македонско население.

Телевизијата констатира дека македонското малцинство останало со истото незадоволство од територијално-административната реформа.

Стерјовски, кој е поранешен пратеник и единствен кој јавно ја кажува својата етничка припадност, на тоа оценува дека територијалната реформата од 2014 година не ги исполнила обврските кон ова малцинство.

Во однос на инклузивноста, немаме ниту еден советник од областите на Гора и Голо Брдо во соодветните совети на овие општини. Се бројат на прсти бројот на вработени од областите Гора и Голо Брдо во овие општини. Се надевавме дека со оваа територијална реформа ќе се поправеа оние грешки кои беа направени во 2014 година и ќе се спроведеа меѓународните конвенции за почитување на правата на малцинствата – рече тој.

Со надеж дека нивниот проблем ќе биде решен со новата територијална карта, каде што се бара покрај општина Пустец и создавање на општини на македонското малцинство во областа Гора во Округот на Кукс и во областа на Голо Брдо во округот Пешкопеја, Стерјовски вели дека нема политичка волја меѓу партиите да го преземат тој неопходен многу значаен чекор за Македонците.