„Не сте целосно изгубени? Можете да замислите да работите петпати неделно без да страдате од согорување на работното место? Па, тогаш, јавете ни се!“ – пишува во огласот на комерцијалниот супермаркет „Едека“ во Германија.
Она што звучи како шега, всушност, е вистински оглас за работа во супермаркетот „Едека“ во Детмолд, Северна Рајна-Вестфалија.
Сопствениците на супермаркетот објавија оглас во регионалниот весник „Липе актуел“, кој деновиве циркулира на интернет и ги забавува читателите, но постојат и такви што сметаат дека предизвикува дискриминација.
На прашањето дали ваквиот оглас за вработување е во интерес на групацијата „Едека Вербунд“, одговорното здружение „Едека Реин-Рур“ одговори дека повеќе од 500 независни трговци во здружението управуваат со своите продавници самостојно и им е дозволено да донесуваат свои одлуки за теми како асортиман на производи, цени, работно време или вработување.
Целта на „Едека“ беше необичен оглас за работа со кој ќе се најдат нови работници. Ова успеа бидејќи бројот на апликации беше значително поголем за разлика од обичните огласи за работа. Господин Гебхарт сакаше да привлече внимание со необичниот оглас, но не сакаше да критикува или да дискриминира – изјави портпаролот на „Едека Гебхарт“.
Мислењата на интернет-корисниците се разликуваат – има такви на кои огласот им е интересен и смешен, додека други се чувствуваат навредени.
Целосно сум против минимизирање на согорувањето на работното место – напиша еден твитер-корисник под огласот за работа. Други интернет-корисници го гледаат огласот за работа како неконвенционален начин за решавање на недостигот на вештини и тешкотии при регрутирање.