За само еден месец, во декември минатата година, се собрале над 14 милиони денари или околу 235.000 евра од продажбата на пластични кеси. Тие ќе бидат наменети за еколошки проекти, а Министерството за животна средина наскоро ќе направи Програма со првите приоритети за инвестирање.
Откако пред речиси два месеци стапи на сила забраната за пластичните кеси и нивната цена се зголеми на 15 денари, употребата е намалена за десет пати во маркетите каде беа бесплатни. Воедно, за четири до пет пати е редуцирано користењето во маркетите каде што се продаваа за два денари.
Надоместокот од 15 денари, кој сега се наплатува за биоразградливите кеси, според Законот за управување со пакување и отпад од пакување, се евидентира и ќе се пренесе во посебен фонд на Министерството за животната средина. Тие средства, во иднина ќе се користат за различни проекти поврзани со животната средина.
Инвестициите треба да го подобрат системот за селекција на отпадот, преку зголемување на садовите за селекција на пластика и лименки, бидејќи тој за стакло е подобро организиран.
Тоа ќе биде направено во соработка со општините и колективните постапувачи, а особено ќе се внимава да се имплементира во заштитените подрачја.