Овој поспан град на западната страна на заливот Принц Вилијам е сместен меѓу живописни планини, но ако замислувате расфрлани куќи во кои се сместени неговите 200 жители – тоа не е така. Наместо тоа, на работ на градот, има зграда од 14 ката – поранешен стар хотел налик на касарна во кој што живеат сите жители.
Зградата во која живеат сите граѓани на Витиер се вика Бегич Тауерс и е изградена во 1974 година за време на Студената војна. Во рамките на 14 ката, има сè што им треба на нејзините жители – од пошта, болница, полиција, училиште до градската администрација.
За да го напуштат градот, жителите на Витиер можат да ги користат морските линии или тунелот со една лента и обично го организираат својот живот според распоредот на тунелот. Имено, автомобилите можат да поминуваат само еднаш на час во двата правци, а тунелот се затвора во 22:30 часот.
Честа глетка на влезот во Витиер се луѓе кои ја пропуштиле последната шанса да поминат низ тунелот и може да се видат како спијат во своите автомобили. Многу жители поседуваат маици со натпис POW – Prisoner of Whittier.
Однатре, зградата во која живеат изгледа како секој масивен станбен комплекс во голем град, освен што кога ќе излезете надвор во зима, има малку места за одење и нема кого да видите.
Патувањето за време на шпицот во Витиер значи запирање на лифтот на секој кат. Тоа значи дека и кога е студено, вработените во градот можат да одат на работа по сандали, а децата се спуштаат неколку ката за да стигнат до училиште. Се вели дека некои луѓе не излегуваат надвор од зградата и од самиот град со недели, па дури и месеци.
Само околу 220 луѓе живеат во Витиер во текот на целата година, кои работат во комерцијален риболов, рекреација и туризам, или за државниот ферибот и железницата што го поседува речиси целото земјиште во областа.