Британските пратеници одобрија едномесечно заклучување во Англија поради ширењето на коронавирусот. Со 513 гласа пратениците го поддржаа планот на британскиот премиер Борис Џонсон, кој треба да спречи ширење на коронавирусот, кој лесно може да излезе од контрола и да доведе до колапс на здравствениот систем, пренесува „Ројтерс“.
Против предлогот се изјаснија 38 пратеници. Исходот од гласањето не беше неизвесен штом опозициската Лабуристичка партија објави дека ќе го поддржи потегот иако го критикува Џонсон за неговата бавна реакција.
Премиерот на Велика Британија претходно го најави второто затворање на Англија, кое ќе трае од 5 ноември до 2 декември. Граѓаните ќе може да ги напуштат своите домови само ако одат на работа, училиште или колеџ, во продавница, на здравствен преглед или ако сакаат да вежбаат на отворено.