Британските здравствени власти ја предупредија јавноста за ширење на нов вид коронавирус, со „чудна комбинација на гени“ во Јоркшир.
Овој вид означен како „троен мутант“ предизвика загриженост кај јавноста.
Индискиот вид на коронавирус, кој создаде хаос во Индија, веќе е присутен во Велика Британија и предизвикува постојано зголемување на бројот на новозаразени случаи во Лондон, и во неколку други места во земјата.
Појавата на овој нов, потенцијално поопасен вид на коронавирус може да го загрози најавеното отворање на земјата, пишуваат британските агенции.
Токму од тие причини, Германија најави дека ќе воведе карантин за сите патници од Велика Британија, од страв од ширење новите соеви на германско тло.
Велика Британија е една од ретките земји во светот каде што масовната вакцинација се спроведува успешно и која успеа драстично да го намали бројот на случаи со коронавирус и да го достигне самиот праг на излегување од пандемијата.
Сепак, иако британскиот премиер Борис Џонсон вети дека земјата ќе биде целосно отворена во јуни, новите откритија на медицинските експерти фрлија сенка врз оваа оптимистичка прогноза.
Имено, Министерството за здравство објави дека откриле ширење на нова, далеку позаразна варијанта на коронавирусот, колоквијално наречена „троен мутант“, во Јокшир и Хамбер.
Од овој вид, кој го доби името „Јокшир“, и во стручната јавност е познат како АВ.1, 49 лица се разболеа во овие две британски провинции.
Според експертите, овој нов вид содржи три мутации – две пронајдени во сојот од Јужна Африка и претходно познат британски вид и еден, целосно нов, наречен „N439K“, што би можел да го заобиколи човечкиот имун систем.
Затоа, Министерството за здравство го вклучи овој сој меѓу оние на кои се посветува посебно внимание.
Сепак, бидејќи овој вид на коронавирус е нов, односно беше откриен дури на крајот на април, научниците не се сигурни колку е повирулентен во споредба со претходно познатите соеви, кои се во оптек веќе подолго време.
Д-р Кевин Смит, од Министерството за здравство, ја смирува јавноста тврдејќи дека оваа нова варијанта не е „особено заразна“.
–Луѓето заразени со овој вид на ковид-19 не се посериозно болни од другите лица заразени со коронавирусот. Ние не сме премногу загрижени, рече тој.
Сепак, поучени од искуствата од Индија, која се бори со сопствената верзија на „тројниот мутант“, Британците со право се плашат од тоа што може да се случи ако овој вид се покаже како вирулентен.