Понекогаш неодминлива е потребата да се одбележи ликовно творештво што значи нешто за нашата културна клима и традиција и покрај присутната резерва кон помладата генерација уметници кои што професионално се однесуваат кон уметноста. Еден од основачите на катедрата по Историја на уметноста при Филозофскиот факултет во Скопје, како и еден од основоположниците на македонското музејско наследство, втемелувач на модерната историографија, ликовен критичар и автор на многубројни трудови од областа на археологијата и средновековната уметност е уметникот Димче Коцо (роден 1910-1993 година во Охрид).
Заокружувајќи еден долг период од својата творечка работа се наметна потребата од еден краток осврт на неговиот непресушен и богат истражувачки дух. Преку големата улога која ја одиграл за македонската култура како научник и ликовен уметник се поставува прашањето колкава вредност има неговото дело и оставина за нашата културна историја?
Од комплексната и богата ризница на Димче Коцо како што се на пример: изработката на таписерии, скулптури, сликарство и цртежи, тој на македонската уметност од свое време и дава нова современа димензија и преобразба, играјќи и креирајќи го делото спонтано без интенција да даде единствен пречистен ликовен белег во разновидниот стилски распон кој го поседува, а сепак да го задржи редот во сликарската целина. Со својот сеопфатен творечки растеж овој автор транзитира низ различни медиуми имплицирајќи ја неговата поетско-лирска карактерна црта. Имено, станува збор за кохерентна движечка структура која поаѓа од реализмот преку иконични и народски стилизации, се до енформелната и кубистичката апстракција, со давање посебен акцент на средновековната уметност, митолошките и античките претстави.
Така на пример, во цртежите и таписериите како главна преокупација, линијата е прочистена, непрекината и естетски ја формира полната, гротескна контура, полна со народски хумор и сарказам, но и тн издолжена надменост која е израз на неговиот темпераментен уметнички инстинкт.
На тој начин Коцо создава арабескни, поедноставени форми кои освен во цртежите интуитивно ги пренесува и во таписеријата, евокативно најсилен медиум на Коцо. Впрочем, во овие дела тој се наоѓа во својот елемент, релевантна е неговата интимна поврзаност со традицијата на неговиот народ, дух и судбина. Придржувајќи се кон класичниот поим за вредност, Димче Коцо не експериментира во таписеријата, туку целокупниот процес во создавањето лежи во неговата креативна моќ сензибилно и суптилно да ги поставува мотивите. Низ љубовта и интимната поврзаност со ткаењето може да се уочи техничкото мајсторство кое му овозможува интересни сликарски интервенции кои се јавуваат како одраз и печат на својот уникатен сликарски ракопис.
Во таписериите покрај памук и волна употребува и срма, со дискретна фактура и разни колористички соодноси и акценти што претставува уште еден атрибут за нивната вредност. Видливата деформација на контурите е во духот на современите струења на животот и уметноста преку кои уметникот на витален и чувствителен начин ги пренесува своите импулси. Претставата на селанка (како негов најчест мотив: „Рахела”, „Средновековниот великодостојник”, „Мајка со дете”, „Пиета” и др.) е прекриена со набој на мистичност и шематизирана кубистичка наивност, со богата орнаментика од народни носии, разни реликвијарни амблеми, везови и предмети пренесени во своја современа ликовност, експлицитно во себе го носат битот на еден народ, обичаи и традиција.
Во акварелите посветува внимание на формата, нејзино совладување, генерално солидно прикажување на мотивот и колористички односи. Јасно видлив е тотемистичкиот призвук на човечката фигура со неколку белези како што се: зафрлено чело, бизарен став на фигурата, со пркос и талент за гротеска и експресија во стегната затворена форма. Тука се надоврзувам на масла, цртежи и скулптури во кои исто така може да се забележат некакви истражувања и промени во фигурата, и тоа од реалистични претстави до оние кои водат кон стилизација и повеќе кон израз на психолошките особености.
Со својата јасна композиција, сликарски техники, текстури на различни материјали и сл., Димче Коцо создава совја митологија од енигматични форми и знаци кои како да зборуваат за вечноста на животот. Доведувајќи го цртежот до најпосакуваниот ред и во симбиоза на фолклорни, етнографски и национални елементи Димче Коцо своите творечки тенденции ги транспонира во еден особен ликовен јазик со надреалистичка интонација. Како ликовен бастион кој оставил силен белег во музејската, современо-творечката и историската мисла, овие дела го потврдуваат и реинкарнираат хуманистичкиот израз, интимните побуди и филозофско-психолошка компонента на уметникот.
Автор: Марија Стојческа