Светската здравствена организација издаде предупредување пред божиќните празници поради забрзаното ширење на омикрон.

Подобро е да се откажат собирите отколку живот – рече лидерот на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус на прес-конференција, додавајќи дека треба да се донесат тешки одлуки.

Тој нагласи дека на сите ни е преку глава од пандемијата, но дека се потребни тешки одлуки за да се заштитиме.

Во некои случаи, тоа ќе значи откажување или одложување собири и настани. На сите ни е преку глава од оваа пандемија. Сите сакаме да поминуваме време со пријателите и семејството. Сите сакаме да се вратиме во нормален живот. Најбрзиот начин да се постигне тоа е да се донесат тешки одлуки за да се заштитиме себеси и другите – додаде Гебрејесус.

Според него пандемијата може да заврши оваа година доколку 70 отсто од населението во секоја земја во светот се вакцинира до средината на годината.

Изјавата на лидерот на СЗО доаѓа во време кога здравствените експерти тврдат дека омикронот стана доминантен меѓу новите случаи на заразени во Соединетите Американски Држави.

Сега има силни докази дека омикрон се шири значително побрзо од делта-сојот. И има поголеми шанси за зараза или повторна инфекција на луѓето кои биле вакцинирани и оние кои се опоравиле од коронавирусот – рече Гебрејесус.