Европската Унија се наоѓа среде јавна и жестока битка со фармацевтската компанија „Астра зенека“ поради доцнењето во снабдувањето со вакцини.
Тензиите се смирија по завчерашниот состанок кој двете страни го оквалификуваа како конструктивен, но проблемот не е решен и влоговите за членките на ЕУ уште се големи, наведува Си-ен-ен.
„Астра зенека“ кажа дека не може да достави толку дози на вакцини колку што очекува Унијата.
А Европската комисија која ги нарача вакцините во име на земјите-членки на ЕУ одговори дека тоа е неприфатливо, порачувајќи дека фармацевтската компанија треба да најде начин да ги оствари барањата.
Среде кавгата, државите од европскиот блок се соочуваат со недоволни залихи на вакцини и ширење на коронавирусот, па бавната вакцинација низ ЕУ претставува закана и за закрепнувањето на економијата.
Токму затоа, се смета дека Унијата и националните влади се под голем притисок.
Спорот почна во понеделникот кога претставниците на ЕУ соопштија дека им било укажано од страна на „Астра зенека“ дека проблемите во производство ќе значат оти компанијата ќе снабди помал број на дози отколку што било предвидено.
Европската комисија нарачала 400 милиони дози на вакцини кои се надева да ги искористи веднаш по одобрувањето на вакцината, што би можело да се случи неделава.
Претседателот на „Астра зенека“ Паскал Сорио истакна дека „Астра зенека“ не можела да го гарантира временскиот рок за доставување на нарачките на ЕУ бидејќи Велика Британија била побрза во нарачувањето вакцини. А постојат и значителни разлики во договорите на компанијата со ЕУ и Британија.
ЕУ се закани дека ќе одговори со правни мерки, а беше испратена и инспекција во фабриката на „Астра зенека“ во Белгија, на барање на Европската комисија.