Мирослав Масин (роден 1963 во Ниш) долго време е присутен во ликовниот живот што докажува дека во содржинска смисла долго време одржува контакт со ликовната и чиста сликарска работа.
Покрај многубројните перформанси, инсталации, илустрации за претстави и слично, последно што го создаде е циклусот на слики во кој со посебно внимание Масин се фокусира на одделни елементи како главен адут од сликата, конкретно на асоцијативни, органски познати форми и надреални стилизирани фигури.
Овие дела создадени во последните неколку години го претставуваат овој сликар како решително свртен кон бојата, нејзиното широко густо и плошно нанесување и полниот интензитет.
Во неговиот творечки опит тој прави обид да го оствари процесот на стилизација, давајќи им фундаментално-природни белези на телесните ликови во овие дела: клун, око, риба („Летај ако можеш”, „Петелот што сакаше да биде паун”, циклус „1000 бакнежи” и сл.). Всушност, во овие дела Масин го изразува меланхоличното чувство, сакралното таинство на една икона со симболичен јазик претопено во едно интимно кажување кое ги задржува сопствените граници и можности.
Покрај фигуративните, често се видливи и нефигуративни колористички обиди како симболи, кои до некаде остануваат како експеримент, но го потврдуваат неговиот напор и тенденција за изразување на универзалното и космичко постоење на нештата. Најчесто, тоа се светло обоени асоцијативни форми како израз на инстинктивното реагирање на уметникот кои потсетуваат на Паул Кле (циклусот цртежи за книгата хаику „Оживува мртвата гранка” од Јосип Ости). Доследен на себеси во текот на целиот свој досегашен опус главна одлика е неговата опиеност, може да се каже – неговата екстаза и спонтан израз пред боите и облиците.
Испреплетените навестувања на човечко тело, животински форми и родови ги доловува преку голиот стисок на раката врз тубата и со директно пастуозно нанесување на бојата врз платното. Ретката употреба на четката укажува на создавање на една екстатична поедноставена трансформација на природните облици, бои и граници кои ги доведува до тн хибридни суштества. При тоа, апликацијата на бојата е чисто експресионистичка која ја контролира со контурната линија. Јасен показ е неговата желба и наклонетост да си игра со бојата.
Делата на Масин ја индицираат симболичната и асоцијативната знаковност која е во функција на посредник помеѓу формата и содржината на суптилно-креираните облици. Мотивите, речиси секогаш, претставени во особено масивна форма се доведени до стилизиран приказ на контурна нерватура кои можеби навестуваат нешто за себе, а ги извлекува со помош на интензивниот колорит без да користи претходна скица. Во процесот на изработката, авторот ги набележува основните линии и површини, извлекувајќи ги во финално оформување елементите на линеарна нерватура на богати хроматски и експресивни форми кои добиваат арабескни и декоративни белези. Всушност, во чинот на создавањето сепак постоела намера на одржување на интегрална визуелна претстава за мотивот, органски поврзана со инстинктивноста на првиот импулс.
Ако во претходните дела во фокусот на неговиот интерес и истражувања беше откривање на пластичната дисперзија на белото платно, сега тоа е сосема поинаку доживеано. Пополнето е со целосна сликовна обоеност на стремеж, во кој со една своевидна полетност доаѓа кон остварување на кохерентност на платното и експресивна игра меѓу бојата и знакот. Може да се констатира дека со својот акт на соголена радост која произлегува од занесено нанесените бои ја потенцира поврзаноста на: бојата како тело и телото како боја.
Според ова излагање може да се потврди дека Мирослав Масин, пред се, е сликар на гест и потег кој успева стилизираната природна форма да ја воведе во еден непостоечко-поетски свет на суштини. Ваквото градење на автономни форми кои заемно дејствуваат во својата просторна егзистенција се мошне допадливи по својот чист и прецизен цртеж.
Автор: Марија Стојческа