Вчера (14 јули) на железничката станица „Овче Поле“ се одвиваше снимањето за краткиот филм „Возот кој никогаш не дојде“, приказна за доселувањето на прогонетите Македонци од Егејска Македонија и нивното пристигнување во Овче Поле, дополнета со изведба на старата македонска песна „Врба ми никнала там Солунско поле“.
Овој филм носи специфичен назив кој ја отелотворува симболиката дека и покрај физичката миграција на Македонците од Егејска Македонија, тие никогаш не ја дочекале нивната духовна миграција и засекогаш останале заглавени во минатото, на местото на прогонот со болни сеќавања и тажни приказни.
Филмот ги прикажува обичаите, културата и историјата на секојдневниот живот на прогонетите Македонци од Егејска Македонија.
Освен културните специфики на оваа група, се прикажани и нивните страдања, последици од прогонот, потешкотиите во прилагодувањето во новата средина, како и кризата на групен и индивидуален идентитет.
Краткиот документарен филм е проект на „Ансамбл Македонија“ а е работен од „Аристон продукција“ во соработка со „Проспериум филмс“.
Се очекува премиера на краткиот документарен филм до крајот на месец јули.