Сојузот на синдикати на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ги повика вработените, наставниот и ненаставниот кадар на УКИМ, денеска со предупредувачки протест пред Ректоратот да изразат незадоволство зашто не им се зголемени платите и не е потпишан Колективниот договор.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири на нивната најава за протест одговори дека пари за повисоки плати се предвидени од септември и апелираше да не се наруши јунската испитна сесија.
Заеднички да го изразиме револтот и незадоволството од игнорантскиот однос на надлежните органи кон Универзитетот и непотпишување на Колективниот договор на УКИМ за остварување на нашите барања за покачување на платите – се вели во соопштението на Сојузот на синдикати на Скопскиот универзитет, кој предлогот за мирен протест го усвоил на седница одржана на 27 мај.
Мнистерот Шаќири повика протестот да биде предупредување, а не закана за јунската испитна сесија и да не им се наштети на студентите. Зголемување на платите во високото образование, рече тој, ќе има од септември и дека тоа е предвидено со ребаланс на буџетот.