Во 1999 година Британското здружение на психолози основа оддел за лезбејки и геј-лица со намера да го подобри разбирањето на психологијата на луѓето и да ја искористи психологијата за подобрување на животот на лезбејките и на геј лицата, како и на нивните пријатели и семејства.

Киценгер и Сор ги поставиле следните цели на одделот. Психолозите може да ги проучуваат идентитетите на геј лицата и на лезбејките и со терапија да им помогнат да развијат здрави идентитети за да ја надминат на пример, сопствената хомофобија.

Исто така, тие може да им помогнат на луѓето подобро да ги разберат врските меѓу лезбејките и геј лицата и да идентификуваат одредени проблеми што се јавуваат кај овие лица во текот на нивниот живот.

Овие области на проучување се важни за разбирањето на човечката разнообразност и за прекинување со претпоставките дека она што го знаеме од истражувањата на хетеросексуалниот идентитет, врските и развојот на животниот век може да се примени на сите.

На практично ниво, психолозите, исто така, може да придонесат за објаснување и справување со хомофобијата. Хомофобијата, тенденцијата да се реагира негативно спрема лезбејките и геј лицата се смета дека е главен извор на стрес, вознемиреност и депресија кај лезбејките и геј лицата.

Психологијата на лезбејките и геј лицата прилично напреднала од времето кога хомосексуалноста се сметала за ментално растројство.

Сега има цврста агенда посветена на разбирањето на човечката разнообразност и подобрувањето на лезбејките и на геј лицата и луѓето кои се поврзани со нив.

Една од причините зошто била можна ваквата промена е тоа што психологијата на лезбејките и геј лицата сега е цврсто сместена во рамките на социјалната психологија.

Кога психолозите ги нагласуваат социјалните наместо индивидуалните фактори станува возможно да се проучува некоја област без стигматизирање на засегнатите индивидуи.

Ова е можеби еден од најголемите придонеси на социјалниот пристап во психологијата.