Данските власти донесоа одлука за исклучување на Ковид-19 од категоријата на критични болести, а од 1 февруари се укинуваат сите ограничувања во оваа земја.
Премиерката Мете Фредериксен објави дека со исклучувањето на Ковид од категоријата социјално критични болести, одлучиле од 1 февруари да ги укинат сите ограничувања за што добиле полна поддршка од останатите партии во парламентот.
Ковид пасошите и понатаму ќе се бараат само на влезовите во Данска од странство. Фредериксен кажа дека на крајот на јануари и почетокот на февруари, бројот на заразени со Ковид-19 ќе го достигне својот врв, а потоа ќе дојде до намалување на бројот.
Таа вели дека и покрај тоа што ограничувањата ќе бидат минато и ќе се нормализира секојдневниот живот, властите ќе ги следат податоците за Ковид-19 и ќе се препорача и четврта доза на вакцината против Ковид.
Во Данска на 10 септември беше објавено дека епидемијата со корона вирус е потполно под контрола и дека сите мерки се укинати. Сепак, подоцна какошто растеа случајите, огранчувањата повторно беа воведени од 15 ноември минатата година.
Главниот епидемиолог на Данскиот државен институт , Тајра Краус на 3 јануари изјави дека варијантата омикрон довела до крај на епидемијата и дека луѓето ќе се вратат на својот нормален живот во рок од два месеца.