Првоосомничениот за убиство на хрватскиот ракометар Денис Тот, Ангело Ѓоргиевски во моментов се наоѓа во бегство и е недостапен за органите за прогон.
Надлежните се сомневаат дека Ангело Ѓоргиевски ја поминал македонската граница и се упатил кон Словенија, каде што извесно време престојувал.
По Ангело Ѓоргиевски е распишана меѓународна потерница.
Според достапните информации на неговите профили на социјалните мрежи, Ѓоргиевски се претставува како жител на Марибор, кој инаку потекнува од Скопје.
Според последните информации во медиумите Ѓоргиевски од порано и бил познат на словенечката полиција поради нелегално производство и дистрибуција на дрога и силување.
Министерството за внатрешни работи, информира дека по обезбедените снимки и дополнителни мерки и активности од страна на СВР Скопје утврдени дека „на 7 април, околу 3:30 часот, пред ноќен клуб лоциран во Градскиот парк, дошло до вербална расправија помеѓу лицето Д.Т. (28) од Р. Хрватска, со привремен престој во РСМ и лицата А.Ѓ. (28), К.Л.(19) и А.К.(22) сите од Скопје, при што тројцата го нападнале и му нанеле удари по главата на Д.Т. од кои тој паднал со глава наназад на асфалтот и изгубил свест“.
На другите двајца осомничени за убиството на Денис Тот, меѓу кои една деветнаесетгодишна девојка, им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена по налог на ЈО со оправдување дека постои опасност од бегство или влијанија врз процесот на истрага.