Министерството за здравство соопшти дека од денеска (19 октомври) почнува бесплатната вакцинацијата против сезонски грип за ризичните групи население во центрите за јавно здравје низ државата и нивните подрачни единици по градовите. Заинтересираните граѓани од ризичните групи можат да се пријават преку страницата vakcinacija.mk, а досега се веќе пријавени над 27 илјади граѓани.
Во текот на вчерашниот ден преку „Мој Термин“, како што посочуваат од Министерството, се испратени над 12 илјади покани преку СМС со известување за терминот и пунктот за вакцинирање.
Бесплатната вакцинација против сезонски грип е незадолжителна, наменета е за лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од шест месеци до пет години, потсетуваат од Министерството и додаваат дека испратиле допис и до матичните лекари да им излезат во пресрет на заинтересираните граѓани да се пријават во системот за вакцинација.