Можно е од први јули цената на струјата да се зголеми за 10 проценти, предупредува претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски.
Една од причините за ваквото зголемување е, како што вели, малверзациите кои ги прават општините за да ги намалат трошоците за електрична енергија.
Тој објаснува дека за да ги скусат трошоците за струја, општините формирале јавни претпријатија преку кои обезбедувале струја за јавно осветлување по цена за домаќинства и за само четири месеци, оптоварувајќи го системот, на ЕВН им направиле долг од 30 милиони евра. Регулаторна сега бара начин како овој трошок да не падне на товар на граѓаните.
Измислуваат разно-разни финти за да се вратат на регулиран пазар и заради тоа само за први 4 месеци имаме трошок од 30 милиони евра и тоа значи 10% зголемување на цена на струја. Тој трошок РКЕ сега ќе го префрли назад на општините и ниту на крај на памет не ми е, тој товар да го преземе РКЕ, – изјави Бислимовски.
Во овие 10 проценти раст кои ги најавува РКЕ, не се пресметани трошоците на енергетските компании и цената на ЕСМ од која всушност најмногу зависи крајната цена на сметките за струја. Дел од компаниите веќе доставиле барања, а се чека уште од МЕПСО.
Во меѓувреме Регулаторна го подготвува новиот тарифник со кој цената на струјата во скапа тарифа ќе зависи од потрошувачката. Бислимовски открива дека се разгледува опцијата над 250 киловати потрошена струја на граѓаните да им се тарифира по повисока цена.
За да се спречи големо покачување, Бислимовски бара државните електрани, да обезбеди 100 проценти од потребите на ЕВН ХОУМ.