Еве веќе 30 години во политичкиот плурализам во Македонија се случува еден специфичен феномен. Имено, сите политички елити од осамостојувањето до денес, околу себе се опкружуваат со медиокритети а не со луѓе со сопствен став.
Зошто е тоа така?
Прво, уште Платон рекол: Никој не е поомразен од оној кој ја зборува вистината.
Вистината не секогаш е убава, понекогаш е сурова, но е една и е вистина.
Колку човек побрзо се соочи со неа толку подобро ќе ги менаџира работите.
Е сега тука се јавува првиот проблем, политичките елити се опкружуваат со луѓе кои не им ја кажуваат вистината туку она што само лидерот сака да го слушне.Така формираниот розов свет , е надуен балон, кој кога тогаш ќе пукне.
Притоа, истите медиокритети, се водат од поривот што повеќе да грабнат, додека се во опкружување на лидерот.Тие се фаворизираат сами себе, понижувајќи го трудот и интелектот на луѓето со сопствен став, често дури и со невистини, се со една цел: да се фаворизираат!
Е арно леб што вика народот во Дебрца не можеш да се фаворизираш без да се факторизираш!
Не можеш да се фаворизираш ако зад тебе не стојат дела, не стои народ, не си излегол пред судот на јавноста!
Фаворизирањето на сметка на интелектуалците ќе доведе до хаос.
Имено тоа и се случува, лидерите , опружени со медиокритети, на крај завршуваат осамени и напуштени, затоа што на полтроните истите им се важни само и единствено додека се на позиција.
Вториот фактор, зошто е тоа така, е суетноста на самите лидери, немањето отворен ум, водењето на салонски политики, губење контакт со народот и со неговите проблеми, губење контакт со реалноста, во стилот на Марија Антоанета и нејзината позната изрека:
Ако народот нема леб дајте му колачи.
За таквите лидери на крајот секогаш народот е крив, народот донел погрешни одлуки,истиот оној народ кој претходно му дал доверба.
Народот никогаш не греши господа, никогаш, тоа мора добро да го запамтите!
Третиот фактор е лошото менаџирање со човечките ресурси. Имено фаворизираните нефакторизирани индивидуи, ќе направат се да се дограбаат до фотелја. Баш се. Добивајќи ја фотелјата нивните амбиции растат. Така приучени, полни се со самодоверба, алчност и без исклучок ќе сторат се за да напредуваат во кариерата.
Ако станале раководители ќе бараат директори, ако станале директори ќе бараат тендери, па ќе бараат да се градоначалници, пратеници.
Жедта за власт никогаш нема да ја задоволат, но во таа „борба” му го рушат авторитетот на лидерот без исклучок!
Жедта за власт е секогаш обратнопропорционална со интелектот, а особено со човечноста и духовноста.
Тука нема ни збор за човечност.
Четвртиот фактор се самите интелектуалци, нивната сервилност, нивниот молк.
Па тогаш неправдата станува правило а не исклучок!
Молкот завршува кога на секој од нас ќе му дојде редот, но тогаш е прекасно!
На крај, коските најмогу му се кршат на оној што од повисоко паѓа!
Автор: Гоце Кузески
*Авторот е професор по физика