Се издвојува како градоначалник кој дава силна поддршка на спортскиот развој во својата општина. Често може да го сретнете на спортски настан, особено поврзан со борешки вештини. И самиот е спортист и потекнува од спортско семејство. Од боречките вештини научил многу, пред сѐ лојалност кон своето семејство и одговорност и истрајност во вршење на семејните должности.
Градоначалник кој со својот пример се залага за многудетно семејство. Вели дека за него децата се најголемио богатство, а со секое дете сме поблиску до Бога. Ако го прашате како би се претставил самиот, за себе ќе рече „Пред сѐ сум татко на три деца“. Огромна поддршка има од својата сопруга, која вели дека ги носи најголемите заслуги за нега и подигање на трите деца. Открива дека тајната на нивната брачна и семејна компатибилност е токму во тоа што и на двајцата семејството им е приоритет. Иако сопругата имала тешко детство, таа е борец и пример за своите деца.
Како изгледа Божиќ во домот на семејството Костовски, што се подготвува за традиционалната бадникова трпеза, кој е „благајникот“ дома, но и дали Дарко Костовски, знае понекогаш да подготви нешто за трпезата, откиваме во празничното интервју со градоначалникот на општина Бутел.
Како изгледа вашиот дом за празниците со однос на тоа дека сте родители на три дечиња како ги координирате подготовките – кој е задолжен за домашните работи, кој за трпезата, а кој ги чува дечињата?
-Без разлика дали станува збор за празничен или вообичаен период, најнапред сум татко на три деца, а потоа се друго. Секогаш кога не сум на работа или на тренинг, се трудам да бидам дома со своите, но не заради обврска туку затоа што пред сѐ уживам во тие мигови, нема да погрешам ако кажам дека највеќе уживам кога сум дома.
Секако, најмногу сум дома за време на празничните денови, особено овој период кога го чекаме Христовото раѓање. Овој празник е симбол на домот во вистинска смисла на зборот, сите сме насочени кон нашиште домови, местото каде што извира љубовта.
За време на празничните денови мојата сопруга се грижи за домашните работи, одлично готви. Тука сум да помогнам околу сѐ , најмногу помагам со мојата присутност дома.
Дали за Вас празниците се она време кога во потполност се разбира смислата на семејството и колку е важно присуството на семејството во животот на поединецот?
-Да, Божиќ нѐ потсетува на тоа што всушност значи нашето семејство, кога веќе ќе решиме да го создадеме, кога Бог ќе се смилува на нашата желба, тогаш имаме голема одговорност целосно да се насочиме кон семејството.
Како татко се трудам прв да дадам пример како треба, ако тоа не е така тогаш немаме право да очекуваме здраво семејство. Товарот како столб на семејството, таткото не треба да го сфати како гордост, напротив тоа е љубов која мора да биде основа за здраво семејство.
Мајката е клучна во градењето семејните вредности, таа го чува достоинството на една куќа, ако тоа не е така тогаш семејствотот е во проблем. Семејството е благослов од Бога, таму почнува и завршува сѐ. Во секое дом треба да живее Христос, за да вистински ја почуствуваваме суштината на семејството. Колку силен
печат оставил Божиќ на мојата личност се спомените од детството, кога со мајка ми, татко ми и брат ми го прославувавме овој ден, тоа се трајно оставени траги во моето срце.
Со својот пример се залагате за многудетно семејство. Зошто е убаво да се има повеќе деца, дали за Вас децата се богатство и во која смисла се тие долгорочна инвестиција?
-Бог ни подари три дечиња, Исидора, Тодор и Калија. Ако Бог даде, можеби ќе имаме и повеќе деца. Убеден сум дека со секое дете сме поблиску до Бога, права уметност е како секое наредно дете е помалку терет, не мислам на физички терет од аспект на менување пелени, спиење и хранење, мислам на суштински родителски терет кон своето чедо.
Во повеќедетните семејства се создава божја хармонија која помага во воспитниот процес, тоа го чуствувам низ личен пример. Тука би сакал да истакнам дека мојата сопруга одлично се снаоѓа, мислам дека добро ги склопуваме нашите природни задачи како родители. Да, децата се инвестиција во Македонија, еден од највисоките чинови на патриотизам е да се залагаме за поголеми семејства.
Зад секој успешен и силен маж стои уште посилна жена? Колку ви е важна поддршката на сопругата и дали таа е столбот на вашето семејство?
-Не постои успешен, уште помалку силен маж, постои добар татко и човек со високи морални карактеристики, тоа е мојот стремеж. Сакам да бидам пример за моите деца со суштинските вредности како благодарност, храброст, лојаност и чест, мислам дека тоа е правиот начин, терминот успешен ми е многу блед, не го сакам.
Столб на семејството треба да биде мажот, но тоа не значи царување дома, тоа значи одговорност да низ пример покаже како треба. Жената игра клучна улога за градење здраво семејство, мојата сопруга е борец, семеjството ѝ е пред сѐ, тоа се чуствуваше дека ќе биде така уште кога немавме деца.
Нејзината поддршка посебно ми значи кога е мојата професија во прашање, добро ги познава идеалите за кои се борам и затоа ме разбира.
На кој начин и покажувате благодарност на сопругата, дали празниците ги користите да и подарите нешто во знак на благодарност, да и напишете некоја емотивна честитка или можеби да најдете заедничко време за вас двајцата?
-Најголемата благодарност која жена може да ја допбие од својот сопруг е тој со личен пример да ги воспитува нејзините деца, потоа со мојата лична почит кон неа како мајка на моите деца.
Кога се во прашање подароци некако свесно го избегнуваме тој момент, многу повеќе сакаме суштински работи. Секако, понекогаш знаеме да си подариме по нешто но никако тоа не гледаме да биде приоритет или со некое посебно значење.
Материалниот дел треба да е во втор план, не е лошо да постои но никако не смее да има главна улога. Кога е во прашање времето поминато заедно можам да кажам дека тоа е исклучително важен дел во бракот, дури и во воспитниот процес за нашите деца.
Каде би сакале да се падне бадниковата паричка оваа година и кој е „благајникот дома”?
-Можеби кај мојата ќерка Исидора, таа е на возраст кога најмногу ќе се издрадува.
Што ви е омилен дел од бадниковата трпеза и дали знаете да подготвите некој специјалитет што се служи за Бадник?
-Слабо готвам, највеќе сакам традиционално посно гравче, или посни сарми подготвени од мајка ми.
Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ – Константинов