Компаниите „Модерна“ и „Фајзер“ дадоа надеж за ставање крај на пандемијата на коронавирусот кога објавија дека нивните вакцини се со ефикасност за спречување на вирусот од 94,5 односно 90 отсто, врз основа на првичните резултати од тестирањата.
А не се јавиле ниту здравствени ризици од вакцините, пишува „Њујорк тајмс“ кој се обиде да даде појаснување за откритијата за кои фармацетските компании не споделија обемни информации.
Податоците на двете компании беа анализирани од независни експерти, чии заклучоци беа објавени во медиумите, а не во стручни научни магазини, па резултатите уште не се сметаат за конечни.
Но, доколку бројките опстанат до крајот на испитувањата, овие вакцини би можеле да бидат меѓу најефективните досега.
Клиничкиот успех за кој „Фајзер“ и „Модерна“ известија, не беше предвидено да се случи. Вакцината против грип, на пример, има успешност од околу 50 отсто.
Здравствените експерти со месеци предупредуваа дека вакцината против ковид-19 би можела да има слична успешност, а со тоа и да не биде „магично решение“ на кое многумина се надеваат.