Пиењето повеќе од три шолји кафе со кофеин дневно е поврзано со подобра еластичност на црниот дроб, покажуваат резултатите од големото истражување неодамна објавено во стручното списание Clinical Gastroenterology and Hepatology.
Студијата е веројатно најсеопфатниот увид во САД за придобивките од консумирањето кафе кога станува збор за здравјето на црниот дроб.
Анализата се заснова на податоците од Националното истражување за здравје и исхрана (NHANES), кое побара од учесниците да одговорат на прашања за нивните навики во исхраната.
Клучно, во 2017 година, NHANES вклучи еластографија (FibroScan) во студијата, испитување на еластичноста на црниот дроб на учесниците, но не поради сомневање за можни здравствени проблеми со тој орган, туку како дел од сеопфатна проценка.
Веќе е познато дека еластичноста на црниот дроб постепено се намалува поради фиброза и таложење на маснотии.
–Во истражувањето спроведено во 2017 и 2018 година, учествуваа 4.500 случајно избрани субјекти кои подлегнаа на еластографија (FibroScan). Учесниците во студијата беа на возраст од 20 или повеќе години, а просекот беше 48 години. 73 проценти од нив страдале од прекумерна тежина, што е приближно националниот просек, вели водачот на студијата д-р Елиот Тапер, доцент по гастроентерологија на Универзитетот во Мичиген.
Научниците не пронашле врска помеѓу консумирањето кафе и замастен црн дроб, но откриле врска помеѓу консумирањето кафе и неговата еластичност.
Кај луѓето кои пиеле повеќе од три шолји кафе дневно, еластограмот бил подобар. Но, вакво благотворно дејство на кафето со кофеин врз еластичноста на црниот дроб не е пронајдено кај луѓето кои консумирале кафе без кофеин, иако претходно британско истражување покажа превентивно дејство на двата вида на овој пијалок врз развојот на хронично заболување на црниот дроб.