Ирена Лозана работи како јога инструктор за деца со спектар на аутистични нарушувања. Покрај тоа што Ирена е директно вклучена во процес на работа во насока на развој, инклузија и интеграција на децата со аутизам, нејзината мисија е многу поширока. Таа се залага за создавањето и растењето на инклузивната свесност за лицата со видлива и невидлива попреченост.

Ирена Лозана е вљубена во природата и работи на одржување на исконската врска на човекот со природата и отстранување на негативните последици и злоупотребите од претераното отуѓување од природата и технологизација на секојдневниот живот на човекот.

Ирена секојдневното престојува во природа, и допирот со почвата го смета за еден од најважните алатки кои помагаат за балансирање и стабилизарање на телото, умствениот процеси и на целокупниот систем.

  • Подготвени ли сме како општество да ги прифаќаме разликите без да ги препознаваме како „другост, закана, страв од непознато“?

Ирена Лозана: За жал не сме подготвени. Постојат голем борј на уверувања кои се пренесувале и се уште се пренесуваат на помладите генерации а се полни со страв, со осуда, со незнаење како да се справиме со поинаквостите.

Инклузвината свесност е на многу ниско ниво. За да дојдеме до заедничка трансформација како општество со високо ниво на свесност и меѓусебна поврзаност, најпрво треба да ја оствариме трансформацијата во себе самите.

  • Дали можеби униформираноста кон која се тежнее во вкалупување на поединец не прави сурови во однос на се што малку отстапува од таа слика за идентичност или барем сличност? И колку децата со аутизам се обесправени во општата перцепција кон нив?

Ирена Лозана: Желбата да се биде поинаков ја има секој од нас. Да не беше така тогаш скапите ташни, часовници, брендираната облека немаше никогаш да се продаваат. Луѓето веруваат дека со тоа што имаат ексклузивно парче облека, накит на себе дека тоа ги прави поинакви и екслузивни.

Од друга страна нашата потреба да припаѓаме и да се конектираме со луѓето околу нас пак не тера да се облекуваме, да зборуваме на ист начин со тој со кој што сакаме да бидеме блиски, на кратко кажано со тоа што сме исти си покажуваме колку сакаме да сме конектирани.

И за жал ова се многу површни, неуспешни начини преку надворешни предмети (додатоци) и шаблони на оденсување се обидуваме да си ги исполниме двете нашите основни човечки потреби. Да бидеме конектирани и да бидеме уникатни.

Но бидејќи сензитвивноста ни е на ниско ниво не можеме да препознаеме дека секој од нас е конектиран со се на планетава, сите го дишеме истиот воздух, сите не грее истото сонце, сите сме под исто небо, истата почва ни ја дава храната на сите… Нема бегање од тоа. А од друга страна секој од нас е толку уникатен што не можеме ни да замислиме што се може да создаде едно човечко битие, секој со својата убавина и уникатност.

  • Аутизмот не е табу, ниту е ретка појава. А историските примери покажале дека личности со аутистични нарушувања имале голема способност, талент, па дури и генијалност, што е доказ дека се општествено-полезни. Но дали доволно покажуваме разбирање за нивните потреби и специфики и колку како општество и систем им помагаме низ образовниот процес, колеџот, занимавањето со спорт или уметност? Правиме ли доволно за нивна инклузија или сепак останува се на рамниште на мал број на луѓе кои се занимаваат со оваа категорија на деца, многу од нив и поради личната приказна (се родители, дефектолози, волонтери, граѓански здруженија и сл.), а остатокот од општеството не ги познава доволно овие деца кои се составен дел од нашето опкружување?

Ирена Лозана: Јас би рекла дека аутизмот е табу, и е се почеста појава. Фактот што медиумите и институциите многу повеќе зборуваат и се обидуваат да создадат некакви услови за овие лица не го прави помалку табу туку само го зголемува притисокот.

Она што вистински е табу е инклузивната свесност, начинот на размислување на чувствување и начинот на однесување како да ги вклучиме овие лица во своето опкружување но и тие нас.

Во изминативе неколку години кога ќе се спомне аутизам, во истата реченица во продолжение се само сензорна соба, логопед и дефектолог.

Нашиот одговор на најсложената состојба на планетав треба да е многу поцеловита а ние одговараме со само 3 алатки кои и така се користат само на веќе создадените проблеми.

Начинот со кој ние сега во моментов се обидуваме да им помогнеме на овие лица да се инклудираат, е како да сакаме да јадеме шпагети со кинески стапчиња.

Се додека не почне да се зборува за инклузијата како за еден холистички процес во кои сме сите заедно, ќе имаме многу повредени, навредени, дискриминирани, исплашени, лути, гневни луѓе кои по секоја цена ќе се обидуваат да се заштитат себеси и своите деца од опасноста за која и самите не знаат која е и каква е.

Нашиот систем се обидува со бебешки чекори да ја актуелизира инклузијата во Македонија. Но свесноста е на многу ниско ниво во секој аспект на живеењето. Се уште најголемиот дел од луѓето очекуваат дека некој друг треба да ги среди лицата со посебности за тие да живеат безгрижно и во својот комфор.

Родителите на децата со типичен развој се уште живеат со идејата дека нема потреба да седнат и да разговараат со своите деца за другарчето со поинаквост кое седи на 2 клупи од него а со ова несвесно ги оставаат своите деца сами да ги водат битките на возрасните.

Јас како родител на дете со попреченост, ја искусив лично функционалноста и нефункционалноста на системот и на ситекои го создаваат.

Мојот одговор на оваа состојба на осудување, на нетолерантност, на незнаење на луќето како да се однесуваат и како да се чувстувате иницијативата Сончонгледи кон сонцето за видлива и невидлива попреченост.

Јас, со мојата платформа за свесен развој Смартер Гаиа заедно со Маргарет Курт Талески претседателката на Куќа на среќата решивме дека ќе почнеме да создаваме движење, алатки и обуки кои за прв пат ќе ги направат попреченостите повидливи, а гражаните поинформаирани и поподготвени да комуницираат со лицата со попреченост.

Елементите на оваа иницијатива се поделбата и носењето на инклузвините ленти и картички, обележување на објектите од јавен карактер и јавниот превоз, и десеменација на обуката Разбери, прифати,сакај, која е наменаета за сензибилизирање на населението за создавање на инклузивна свесност. Сите овие елементи создаваат една целина која дава база за почеток за развивање на инклузвивната свесност.

 

  • Ангажираме дефектолози и специјални педагози да работат со децата со аутизам во нивно прилагодување кон социјалната средина. Но потребно ли е повеќе да се ангажираат лица за општа едукација на целокупното население, па и други деца за прилагодување и прифаќање на децата со аутизам?

Ирена Лозана: Како што кажави погоре, дефектолозите и логопедите за жал се единствените кои нудат некакво решение но само на одреден дел од предизвиците поврзани со аутизмот но и со други состојби кај деацата кои се почесто ги гледаме.

Она што нависитна ни треба е секој граѓанин да се вклучи во овој процес. Процесот на создавањето на инклузивна свесност почнува од секој еден поединец и ќе биде повеќе од доволно доколку секој поразговара и почне да ја негува оваа свесност во своето семејство. Кога секое семејство ќе се погрижи за себе и своите неколку членови, општеството ќе се смени, бидејќи ние сме тие кои го создаваме ова општество.

  • Како јогата им помага на децата со аутизам? Кои се бенифитите од примена на јогата кај децата со аутизам? Дали пристапот што го применуваш е индивидуален и партикуларен (зависи од дете до дете) или сепак постои општа метода која се применува кај деца со аутизам базирана на нивните специфики?

Она што му е потребно на секој човек е да биде, спокоен, стабилен и радосен. Но ова се состојби кои ги гледаме толку ретко бидејќи луѓето не знаат како да дојдат до овие состојби.

Јогата како древна технологија е целосно насочена кон создавањето токму на овие состојби. Алатките и техниките кои се дел од јогата се едни од најповолните кои можат да им помогнат на лицата со аутизам но и на сите лица со други поинаквости.

Јогата е поволна бидеќи работи на основните функции на телото и на животниот процес.

Накратко кажано, техниките за дишење, техниките за насочено внимание и фокус, техниките за активирање на системот за справување со стрес се основните алатки на јогата. Иако јогата е најуниверзалната технологија за целосен баланс и благосостојба на телото, умот и духот, може да биде предизвик кога се работи со деца со аутизам или пак некои други попречености.

Особено доколку не сме подготвени да се адаптираме на начинот на кој лицето може да ги разбере насоките за вежбање или пак целиот процес.

Затоа процесот и јога часовите кои ги искреирав уште пред неколку години се прават со многу внимание на начинот на комуникација, и е „траума свесна” практика. Подготвив и посебен сет на визуелни картички/помагала кои многу го олеснуваат процесот во разбирање и пренесување на насоките за правење на одреден практика.

Исто така, секоја сабота наутро на ZOOM го одржувам бесплатниот час за родители на деца со попречености, на кој сите заедно работиме, разменуваме искуства и се инспирираме едни со други да работиме на себе со повеќе радост и инклузија.

 

  • Која е улогата на родителите во работа на децата со аутизам? Многумина едукатори сметаат дека родителите ги носат децата на часови и едукација, каде што важат едни правила, додека дома им поставуваат сосема друго опкружување со што ги збунуваат децата. Колку е важно родителот, освен тебе, да работи третман со децата во домашна средина? Работиш ли и со родители покрај стандардната работа со деца, во смисла давање на совети, препораки или подучување на техники?

Ирена Лозана: Во животот на секое дете родителот односно лицето кое се грижи за детето, ја има секогаш примарната и најважната улога.

Природниот процес на кој децата учат од своите родителите се случува со сите деца, така и со децата со аутизам иако многу често можеби поинаку го манифестираат сето она што го научиле од своите родители и околината во домот.

Сметам дека голем дел од семејствата посебно во Македонија живеат во една збунетост и целата своја надеж дека нешто може да се подобри во животот на нивното дете е ставено во рацете на логопедот и дефектологот или пак на докторите кои што сеуште се во фазата „ај да пробаме нешто па ќе видиме како ќе биде“.

И ова и не е лош пристап доколку родителите се активно вкучени со цела свесност и сите потребни информации како може да си помогнат и себе но и на детето. Но досега сретнав премногу семејства кои се скоро целосно имобилизирани, ја трошат својата енергија вртеќи се во круг од насоките на докторите, интернетот, околината. Премногу прегорени родители кои се уште се надеваат дека системот ќе им помогне да ги надминат предизвиците дома, во училиште и во општеството.

И покрај тоа што работам на проекти кои опфаќаат поголеми групи на засегнати со системската инклузија за поголем импакт, сепак се трудам се уште да пронајдам време да помогнам директно на семејствата и родителите со директни средби и совети.

Јога вежби во природа
Инструктор: Ирена Лозана

Не постои едно исто решение за сите. Мора да се направи проценка, да се земат во предвид спецификите на околината, можностите за адаптација… Многу елементи се битни во трансформацијата на било која индивидуа, а камоли цело семејство. Сепак, на крајот од процесот им давам многу јасни и прецизни насоки како да продолжат и кои практични техники да ги користат.

Интервјуто го спроведе: Магдалена Стојмановиќ