Ненад Трајковиќ е познат и признат српски поет, автор на неколку стихозбирки и песни кои може да се прочитаат низ реномирани книжевни списанија во Србија. За стихозбирката „Ветар са језика“, Трајковиќ ја доби престижната книжевна награда „Раде Томиќ“ во 2015 година.
За неговата поезија, книжевниот критичар Саша Радоњиќ, ќе истакне „Ако би требало да ги одредиме константите на поетскиот свет кој доаѓа до збор во книгата Ветар са језика на Ненад Трајковиќ, тогаш тоа најверојатно би било, од една страна настојување преку јазикот да се изрази сложеното и повеќеслојно доживување на стварноста и од друга страна свеста за стварноста на песната како засебен слој.“
Ненад Трајковиќ за „Мој збор“ ги истакна своите размисли за естетичкото доживување, за улогата на поезијата во современото доба, за статусот на поетот како исцелител на разболената човечка душа во идеалното и современото општество, но и ги искоментира своите видувања за моменталната состојба на српската поетска сцена и состојбата на книжевната критика во Србија денеска.
- Во естетиката најшироко прифатено гледиште за поезијата е дека таа е миметичка уметност, односно дека „имитира“ идеи или нешта кои постојат во реалноста. Дали твојата поезија ги „подражава“ внатрешните идеи и субјективните чувства или стварите кои постојат во реалниот, објективен свет?
-Не би рекол дека имитира ништо. Поезијата е суштински трансцендентен премин кон откривањето на таа вистина што не сакаме да ја видиме или не можеме да ја видиме. Тоа е метафизичка творба, контакт со другата страна, што ни објаснува, дури и необјасниви феномени. Ако навистина нешто имитираше, поезијата ќе беше безвредна, празно пеење, непотребна за човечкиот вид, но таа не е ништо од тоа.
Затоа верувам дека мојата поезија согледува надворешни и внатрешни немири, наоѓајќи го светот што се помирува или се стреми да ги усогласи човечките слабости со вистинските потреби. Јас сметам дека мојата поезија од првата книга до најновата е единствената сегашност што постои.
- Дали за вас поезијата повеќе претставува стимул за перцептивното ниво кај читателот или за симболичко. Дали посовршен облик на поезија според вас е сонетата каде перцептивното ниво е поистакнато или поезија која изобилува со симболи и импликации, но не е толку јазично симетрична?
-Секако симболичен. Никогаш не сум бил поддржувач на формализмот во ништо. Формата ограничува и не дава слобода, што го попречува создавањето. Јас разбирам дека е потешко да се напише во слободен стих, бидејќи таквата поезија бара длабоки проникнувања, рефлексии што е невозможно да се најдат во поетската рима.
- Платон во своето дело „Држава“ ја изложува својата замисла за тоа како треба да изгледа идеално општествено уредување. Тој нагласува дека Хомер (поетите) треба да бидат избркани од идеалната држава бидејќи се занимаваат со ширење на заблуди и митови кои на луѓето не им се потребни за нормално и оптимално функционирање во заедница.
Зошто според тебе поезијата му е потребна на општеството и на светот?
-По многу што не се согласувам со државата на Платон. Државата всушност навистина постои за да ги заштити интересите на богатите, иако еднаквоста и рамноправност постојано се прокламираат. Платоновата класна поделба и поделба на трудот може да го оправда времето на појава и склоноста да се најде политички систем што ќе биде одржлив, особено по убиството на Сократ од демократските приврзаници. До денес не е пронајден идеален политички систем, но сè е обид да се задржи малата елита на сегашното ниво. Сведоци сме дека дури и во САД, сè поизразената класна и расна поделба доведува до големи турбуленции.
Но, да се вратам на прашањето. Самиот Платон бил поет. Неговите дијалози се изразито поетски. Платон е во право. Поетите треба да бидат протерани од идеалната држава, затоа што таа не постои. Поетите ги разоткриваат митовите и навистина шират заблуди за искривената вистина на светот. Како такви, поетите се непријатели, бидејќи секоја земја е недостојна за поет. Платоновиот модел беше прифатен особено во земјите во развој, па затоа културата беше заменета со шунд.
- Сметате ли дека јазичките ограничувања и можности (природен или национален јазик) имаат влијание врз изгледот на поезијата. На пример, често слушаме дека некој јазик е повеќе поетски од други јазици кои се повеќе технички. Како јазикот на кој пишуваме песни се одразува врз самата поезија?
– Искрено, мислам дека секој јазик носи своја убавина и своја поетика. Ако се сетиме дека за време на изградбата на Вавилонската кула, Бог создал јазици меѓу луѓето, невозможно е да создал јазици кои не се совршени, како најголем креатор на сè.
- Твојата стихозбирка „Ветар са језика“ ја доби наградата „Раде Томиќ“ во 2015 година. Како наградата влијаеше врз твоето творештво? Дали те мотивираше повеќе да пишуваш?
-Пред наградата, песните вклучени во оваа збирка беа објавени во скоро сите книжевни списанија. Во колекцијата има 42 песни, а скоро 80 од нив се објавени во списанија. Списанијата се единствената вистинска мерка за поезијата денес. Затоа мојот совет до младите поети е да ги испраќаат своите песни до списанијата за да се оценат на вистински начин.
По наградата „Раде Томиќ“, песната Баланс од оваа колекција на песни се најде во потесниот избор на престижната награда „Ленка на прстенот“ за најубава љубовна песна, а книгата влезе во потесниот избор за наградата „Бранко Миjковиќ“, која е најзначајната поетска награда во Србија, но поради упадот на други награди во тоа време беше дискредитирана.
Поради контаминацијата на наградата од оние на кои ништо не им е свето, го замолив мојот уредник на книгата и поет Обрен Ристиќ да ја повлече книгата од конкурсот за сите други награди. Наградата „Раде Томиќ“ само ја зголеми мојата самокритика, која е веќе многу голема. Мислам дека тоа е добро, затоа што само така можеме да ја избегнеме заблудата за нашата сопствена креација, која повторувам ја проверуваме преку списанија.
- Како ја оценувате денешната поетска сцена во Србија? Постојат ли уметнички стандарди за поезија? Каква е книжевната критика? Дали публиката е заинтересирана за следење на новитетите во поетската сцена?
– Поетската сцена е многу богата и многу занемарена. Ова се две крајности кои коегзистираат заедно, иако меѓусебнио се поттурнуваат. На крајот на оваа ера, некој ќе мора да го запали создавањето на новата Александриска библиотека за да ги исполни критериумите на неписмените. Имаме неколку поети, носители на бројни литературни награди, чии книги никој не ги памети веднаш по добивањето на наградата и кои историјата нема да ги памети. Желбата за слава ја уништува можноста за создавање. Имаме големи поети кои се во првите редови на сите важни настани и тоа ги прави уште посилни гиганти на поезијата.
Книжевна критика не постои. Постои т.н. позитивна критика што служи за задоволување на одредени кланови во рамките на поетските кругови. Критиките честопати ги нарачуваат оние за кои се пишува, па затоа не можеме да ги наречеме критики. Понекогаш разбирам дека луѓето читаат сè помалку. Тие се бомбардирани со наслови на книги што се презентираат сензационално, но всушност тие се површни и угниени. Времето замагли сè, така што на оваа бура мора да и дојде крајот. Луѓето сакаат добри и убави книги кои не недостасуваат, но немаат простор за маркетинг на телевизија, бидејќи литературните владетели направија простор за себе, не знаејќи дека не постојат ограничувања за неограничените и така, таа избрана сензуална публика, што секако е во малцинство, доаѓа до вистинската поезија без тешкотии.
Интервјуто го спроведе: Магдалена Стојмановиќ