Хрватска ги исполни сите услови што ѝ овозможуваат да ѝ се приклучи на еврозоната како 20-та земја-членка, објави Европската централна банка (ЕЦБ) во својот најнов извештај за конвергенција.
Конечната одлука за пристапување на Хрватска во еврозоната ќе ја донесе Советот на Европската Унија и истата таа се очекува во јули. Одлуката е заснована по предлог на Европската комисија и се носи по консултација со Европскиот парламент и по расправа во Европскиот совет.
Бугарија не исполнува два од поставените услови за влез во еврозоната, соопшти Европската комисија (ЕК). Власта во Софија не ги задоволи условите за индикаторот за стабилност на цените, како и за усогласување на законодавството со правилата на ЕУ.
Бугарија последните месеци се соочува со висока инфлација предизвикана од растот на цените на енергентите, а влијанието на инфлацијата на потрошувачките цени е неусогласена.
За да можат да го усвојат еврото, земјите-членки на Европската Унија мораат да исполнат услови на конвергенција што се однесуваат на инфлација, на дефицит, на јавен долг, на каматни стапки и на девизни курсеви. Тоа се економски и правни услови што се усвоени со Договорот од Мастрихт во 1992 година и се попознати како „Мастришки критериуми“.