Графичар по својата вокација, Славица Јанешлиева (родена 1973 во Скопје) претставува јасен показ дека таа континуираното истражување во својот творечки опус го базира врз експериментирањето со различни техники на овој медиум.
Оваа ликовна дисциплина ја усмерува кон послободни интерпретации со целосна интегрираност во изразот и потполна афирмација на сликарската идеја. Во својот концепт на карактеристичен и препознатлив свет на сопствен микрокосмос и единство на природата, оваа уметница создаде повеќе циклуси изработени во подолг период кои укажуваат на неограничени можности и истражувања во повеќе графички техники, како што се: линорез, акватинта, сува игла и др.
Станува збор за авторка која со својот ликовен дискурс може да се одбележи како потенцијален квалитет не само на македонската ликовна сцена, туку и пошироко, со оглед на нејзините контемплативни, апстрактно-асоцијативни и инвентивни решенија.
Во циклусите под наслов „Впечатоци” во фокус е гестот т.е. симболичниот третман на елементите, а поголем акцент и дава на композицијата и ликовната естетика, како и на чувството за пренесување на лирска атмосфера, при што како главни елементи се појавуваат фрагменти од видена односно доживеана реалност пренесена со асоцијативни апстрактни форми.
Она што е мошне впечатливо при набљудување на нејзините дела е моментот на субјективно доживување на стварноста изразена со специфичен апстрактен и знаковен јазик, со што на тој начин таа потенцира една уметничка индивидуалност во односот на третманот на комплетната усогласеност на темите, техниките и визуелниот момент. Потаму, естетскиот призвук е јасно препознатлив во техничкиот израз, доведувајќи го до совршенство инспириран од сето она што ја опкружува.
Во потврдувањето на својот сензибилитет Славица Јанешлиева во циклусот графики под наслов „Хаику”, „Булки” и „Импресии” повеќе става акцент на лирско медитирање на некакво далечно ехо, навестување и шум на моментални минливи импресии.
Според третманот во изведбата овие графики, конкретно во циклусот Хаиуку, може да се дефинираат како знаковен цртеж во кој Јанешлиева до совршенство го пренесува потегот на четката, при тоа експериментира со техника акватинта за да ги добие најдобрите отпечатоци кадешто ќе ја задржи белината на позадината, а ги потенцира потезите.
Присуството на боите и елементите е сведено на минимум со намера да ја добие чистотата на цртежот. Во овие дела евидентна е нејзината немирна природа која се наоѓа во некаква двојност или поделеност меѓу слободата-полетноста и скротувањето на цврстата форма.
Додека пак во другите два циклуси Булки и Импресии повеќе е насочена на претстави од природата, на импресии од растителниот свет изведен преку форми со линеарно третирани детали, а како техника користи сува игла која и овозможува изведба на поетични сегменти со суптилни треперливи движења, минуциозна обработка и емотивен ритмички набој на мигот.
Композициите насловени Галичник ги изработува во техника линорез и длабок печат, со загасит колорит на обоени плохи. Oвие дела како цврсти компактни целини на симболичен начин го одразуваат постоењето на земјата како сеприсутно чувство.
Во метафизичките простори во кои таа не води ние сознаваме некои современи текови во уметноста на еден длабок трансцедентален свет на интима кој бара нов начин и простор да го најде своето оправдување и постоење во надворешното, видливото.
Славица Јанешлиева со своите асоцијативни форми на растреперена линија и скромен колорит не воведува во лавиринти на специфични интимистички патешествија кои се од исклучителна важност за современите тенденции на македонската ликовна уметност воопшто.
Автор: Марија Стојческа