Овде новинарот посебно ги посочува Грција, по должината на нејзината граница со Турција, и Хрватска, во близината на Босна.
На овие локации, новинарите немаа слобода на движење, ниту можност да раскажуваат приказни за луѓе што ги ризикуваат своите животи за да влезат во ЕУ. Секој напор да се дознае нешто повеќе се потпираше на собирање дигитални докази и други техники за далечинско известување за да се раскажат веродостојни приказни.
Двојните стандарди очигледно дојдоа до израз и во оваа бегалска криза, па Грција, лулката на демократијата, како што сака да се прикажува самата, го покажа вистинското лице со третманот кон бегалците, кои токму таму ги доживеаја некои од најтрауматските искуства.
Се разбира, таквиот однос не можеше да не остане регистриран и од новинарите, кои иако држени настрана и далеку од немилите настани, сепак, успеале да ги забележат сведочењата на бегалците.
На тој начин, ако се споредат двете слики, онаа од украинско-полската граница и оние од грчко-турската, станува јасно дека во Европа се толерираат постоењето двојни стандарди и целосната неподготвеност да им ги обезбеди на бегалците сите услови пропишани со меѓународните договори и стандарди.
Човечката мака и страдање се еднакви и не треба да се делат според нација, вера или каква било определба.
Или, како што вели во својот текст Башар Деб, инаку Сириец по националност, „Приказните за луѓето во движење не треба да бидат толку тешки за раскажување. Избираме чии приказни ги раскажуваме, а овие избори ги откриваат нашите предрасуди“.