Кога станува збор за сликарството на Ордан Петлевски (роден во Прилеп 1930-1997) се има предвид педантно, ангажирано и современо создавано дело кое пленува со својата имагинарност. Современ уметник, кој умешно ги апсорбира современите изразни средства во своите слики, цртежи и графики, интимно сврзан за модерното сфаќање на уметноста. Останувајќи целосно во доменот на својата индивидуална преокупација, неговото сликарство осцилира од фантастиката и надреализам до енформел и сликарство на материја, кое ќе стане појдовен знак за препознавање на неговиот ликовниот јазик. Творештвото на Ордан Петлевски претставува суптилна ликовна медитација што секогаш го одржува високото рамниште и кое постојано истражува и се возобновува, задржувајќи ги притоа своите стилски белези.
Што всушност претставува ликовната иконографија на Ордан Петлевски: дали се тоа имагинарни површини, микроскопски пресеци, или само измислени облици на енформелот? Во денешниот свет навикнати на облици имаме чувство како тие негови облици да се живи организми кои се создаваат и раствараат, како нешто да кажуваат и глумат. Набљудувајќи ги со сомнеж поради нивната перманентна трансформирачка енергија, овие органски форми наликуваат на некакви жлезди и клетки, како да се распнати некаде помеѓу нашата перцепција и некаква густа непозната стратосфера („Епитаф”, „Праоблик”, „Растение фосил”, „Подем на обликот”, „Сури облици”, „Морбидни облици I”, „Морбидни облици II” и др.). Во овие творби видлива е јасна инвентивност односно иконографска зрелост, пришто просторот повеќе не постои т.е. тој станува метафизички. Во делата „Вертикали” и „Разорено ткиво” постои индикација за ново усмерување на формирање кохерентни и секогаш нови облици, нешематизирани и непредвидливи, а во кои конзистентноста е нивната ознака. Тоа се микроскопски исечоци кои се ослободуваат и за прв пат создаваат сопствена иконографија со уникатна внатрешна структура. Ваквите структури се одраз на уметниковото постојано истражување, означувајќи ја генетичко-еволуционата смисла на творештво кое е во насока на развој на посебно, лично и вдахновено изразување со кое Петлевски продира во универзалната историја на енформелот.
Сликарството на овој автор е сликарство со поетски призвук, тоа претставува монохромно, но секогаш богато колористичко сликарство. Она што воодушевува кај овој сликар во однос на други сликари кои работат нефигурација, е тоа што Петлевски не е l’art pour l’art-ист, туку во неговото дело длабоко може да се почувствува и времето и земјата од кои поникнува тоа негово родно македонско тло. Од друга страна не оставаат без здив неговите необични форми, а тој е и мајстор на бојата и мајстор на формата, така што мал број на сликари можат така добро да ги соединат тие два елементи како него. Исто така, начинот на кој ги слика болните и мртви организми од кои сепак вирее живот се восхитувачки и извонредно изведени.
Од сето ова може да се заклучи дека Ордан Петлевски на единствен начин го брани својот светоглед кој е интровертен, а сепак многу влијателен. Ирационален и интимен во својот чин, четката и бојата за него претставуваат базични точки од кои поаѓа во развивањето на еден продлабочен ликовен израз кој понира во скриеното-потсвесното. Имено, метафизичките намери се индикација за индивидуален ликовен јазик, неговите слики сакаат да востановат некој свет којшто е од другата страна, негде внатре, некоја опачина којашто треба да излезе со целата своја убавина, изведувајќи го на чуден и својствен начин што го карактеризира како еден редок сликар препознатлив по своите единствени форми. Во овој контекст, ќе се надоврзам на неговата изјава, цитирам:
Во уметноста најмалку е достојно да се повторуваат некои веќе видени или начинети работи, сметам дека е недостојно да се имитира природата, сметам дека е неморално према природата. Природата може да ни служи нас само како пример, а не како модел. Ако така се разбира уметноста и ако тука нешто сум успеал да начинам, тогаш можам да бидам задоволен.
Автор: Марија Стојческа