Драгана Краљевска – Бојковска е педагог и тренер за личен развој на деца и родители. Авторка е на книгата ,,Афирмации за деца” – Техники за креирање личен развој и позитивно родителство и ко-основач на ,,Ko-Креатори” – здружение на граѓани за едукација, развој и унапредување на социјалното претприемништво.
Во својата работа со деца и родители, Краљевска – Бојковска често се среќава и со последиците врз воспитанието и обазованието кои ги создава зголемената употреба на социјалните мрежи во комуникацијата, но и процесот на учење и креирање светогледи.
Во интервјуто за Мој збор, Краљевска – Бојковска открива какви злоупотреби може да се направат доколку родителите несовесно објавуваат содржини од нивните деца на социјалните мрежи, но и генерално за влијанието на социјалните мрежи, инфлуенсерството и намалената регулатива за тоа какви содржини се пласираат на просторот кој го опфаќаат социјалните мрежи.
Колку возрасните со своето поведение ги повредуваат правата на детето особено кога објавуваат содржини (фотографии, видеа) од малолетни деца без да се свесни за ризиците по безбедност на детето?
Краљевска-Бојковска: Би требало да е голем процентот на родители кои размислуваат на оваа тема…
Со свесното објавување на содржините како фотографии и видеа може да се загрози безбедноста на детето, а пак со само еден клик и ненамерното објавување секако уште повеќе.
Веќе живееме во реалност во која социјалните мрежи се неизбежни, па така колку што има предности од нивната примена, исто толку би можело да се појават и недостатоци.
Освен со објавувањето на личните податоци на детето, особено би требало да се внимава со објавување на локацијата на која се наоѓа детето, материјални нешта со кои е опкружено, како и со кои личности е во контакт.
Во време во кое е застапено ,,хакерство на профили“, киднапирања, како и секој друг вид злоупотреба треба да се обрне големо внимание пред нешто да биде презентирано во јавноста.
Тоа што не објавувам редовно на профилите содржини со моето дете не значи дека немам меморирани илјадници наши моменти или дека не го сакам многу, најмногу…
Дали сметаш дека треба да постојат регулативи кои ќе се применуваат на социјалните мрежи при што како и во медиумите ќе биде забрането објавување на фотографија или видео од малолетник без претходна согласност од родителите?
Краљевска-Бојковска: Кога согласноста би била уште од дома воспоставена, не би се јавувала потреба од дополнителна опција на социјалните мрежи. Секој родител би требало да знае што сé има објавено неговото дете на профилите, но не преку детективски пристап туку преку градење взаемна доверба во врската родител – дете.
Постои и судирот на генерации, како и бунтовни ставови на тинејџери, но со искрена комуникација, чувство на сигурност и чувство дека родителот му го посакува најдоброто, ниту едно дете не би ни помислило да ја употреби опцијата за сокривање на објава да не се прикажува на профилот на родителите или личностите (пријателите, роднините) кои се во контакт со нив.
Разумно би било медиумите да не смеат да објавуваат фотографија или видео од малолетник без претходна согласност од родителите.
Родителите најдобро го познаваат детето и во овој случај треба да одлучат во негова корист.
Какво е твоето мислење за деца инфлуенсери на социјалните мрежи? Родителите често објавуваат видеа од децата на различни мрежи со што децата добиваат популарност и имаат влијание, дали со тоа кршат детски права?
Краљевска-Бојковска: Инфлуенсерството како појава е заживеано и во светот на децата. Го поддржувам само доколку е со пристојна и едукативна содржина она што се презентира, при тоа да не го попречува или намалува извршувањето на воспитно образовната улога која детето треба да ја поседува.
Децата учат едни од други, но уште повеќе впиваат од она што го гледаат од возрасните. Голем број на родители се веќе хипнотизирани од објавувања на фотографии и видеа од своите деца, па се објавува она што е дел од секојдневните активности дома или во образовните институции, постигнати успеси, различни настани.
Пожелно е пред да објави било што од своето дете, родителот да се запраша:
- Како би се чувствувал ова да беше објавено од мојот родител за мене како дете…?
- Како би се чувствувало моето дете ако за неколку години повторно ја види објавата или кога ќе е тоа во улога на родител…?
Актуелно е и објавувањето на фотографии или видеа со спомени од пред неколку години. Таа опција ја доживувам како пријатен потсетник за нешто што ни било драго за споделување со другите, но не и да се споделува повторно и повторно затоа што децата освен што го менуваат својот лик, го менуваат и мислењето за нешто што е веќе објавено, а е дел од нивната интимност и нивното детство.
Сметаш ли дека поголем пристап на деца до социјални мрежи предизвикува воспитувачите и родителите да го изгубат приматот на воспитание и образование на децата?
Краљевска-Бојковска: Најсилната конекција која треба добро да се оддржува за да остане цврста и од чија функција сите треба да се задоволни сметам дека е конекцијата ПЕДАГОГ <ДЕТЕ > РОДИТЕЛ. Воспитувачите и родителите треба да се најдобрите соработници.
Столбот на едно општество е воспитно образовниот систем бидејќи од тука произлегуваат сите професии и од тука се градат сите карактери. Не треба да се дозволи да им се намалува нивната моќ и авторитетот кој го имаат. Не смее да прерасне процентот на користењето на социјални мрежи во зависност или опседнатост. Доколку детето не успева да воспостави самоконтрола секогаш возрасниот треба да е оној кој ќе му помогне во тоа.
Колку од слободното време на децата им одземаат социјалните мрежи и дали сметаш дека трошењето на време на социјални мрежи е штетно за децата?
Краљевска-Бојковска: Почетокот на пандемијата придонесе голем дел од слободното време децата да го поминуваат на социјалните мрежи.
Некои од факторите кои доведуваат до оваа појава се споделувањето и разменување приватни пораки, фотографии, видео записи, документи.
Се јавува и желбата да се биде во тек со сите медиумски настани, да се истражува на некоја тема, да се слуша музика.
Познато ни е како повеќечасовното изложување пред екраните влијае на видот, мозокот и телото воопшто. Со воспоставена временска рамка за користење на социјалните мрежи и кога она што се восприема е едукативно и продуктивно за детето, не може да биде штетно.
Во трошење време на социјалните мрежи би спаѓала и комуникацијата на детето со најблиските роднини кои живеат далеку, па во тој случај секако не е штетно тоа за него, но неограниченото ,,прелистување – скролање” на содржини кои не се соодветни за неговата возраст или кои носат демотивирачки пораки можат да создадат штета која во голема мера го нарушува менталното здравје, а со тоа и да остава последици.
Дали сметаш дека поради социјалните мрежи, децата често го губат контактот со врсниците како агенс на социјализација и се пренасочуваат на недиректен и фиктивен контакт со профили на социјални мрежи?
Краљевска-Бојковска: Ако треба да се одбере која комуникација е најбогата несомнено е дека тоа е контактот ,,очи во очи’’. Од тука многу се учи. Од погледот и гестикулацијата меѓу говорниците. Чувствувам топлина и восхитеност кога ќе забележам полни паркови со детска енергија, растрчани децата се играат и разговараат, спознаваат нови работи, градат ставови, разменуваат мислења, ја усовршуваат својата психомоторика или тинејџери седнати во кафуле се смеат, нешто дискутираат, можеби и дебатираат, но ја оддржуваат својата комуникација при тоа не гледајќи во телефонските екрани.
Сметам дека во животот во сé треба да се пронајде балансот или да се постави граница до каде е најразумно да се оди. Точно е дека детето не може самото да успее во тоа, но кој може подобро да му даде насока ако не родителот? Барем така би требало да е. Родителот е оној кој ја балансира топката и ја одредува границата на дозволеното и недозволеното.
Се додека се труди да е добар родител, не може да погреши. Паметните телефони имаат и навистина паметни опции – контрола на приватност на социјалните мрежи, дигитална состојба на потрошено време пред екранот, родителски пристап до профилот на детето.
Занесени од популарноста на користењето на социјалните мрежи да не се изгубиме самите себеси, за да не ги изгубиме и децата со дигиталната социјализација и виртуелизација, бидејќи нема поубава социјална мрежа од онаа која е исплетена во природата – очи во очи од најмали до најголеми возрасти.
Во улогата на педагог и одделенски наставник ја обожавам конекцијата на училишниот простор и светот на децата. Со креативни работилници, учења преку игра и слободни изразувања на детските умови се градат задоволни личности.
Како тренер за личен развој на деца и родители оддржувам педагошки консултации на сите теми од односот дете – родител, затоа што не постои предизвик кој не може да биде решен. Само заедничката соработка и работата на себеси доведуваат до посакуваните резултати.
Автор сум на книгата ,,Афирмации за деца” – Техники за креирање личен развој и позитивно родителство. Тоа е секојдневен водич за користење на позитивни сугестии кои привлекуваат добрини. Секој е нечие дете – афирмациите се за сите возрасти.
Родител сум кој се труди сѐ што е дел од позитивната дисциплина да биде применето во пракса и пружање на најдоброто за детето. Секогаш сум на страна на хуманоста, доживотната едукација, а инспирирана од партнерската љубов и љубовта кон животот и благодарноста се трудам секогаш да сум со полна енергија за нова инспиративна акција.
Интервјуто го спроведе: Магдалена Стојмановиќ