Лекарите треба да размислат за препишување парацетамол на пациентите, бидејќи постојаната и долготрајна употреба на овој лек го зголемува ризикот од срцев и мозочен удар.
Парацетамолот се користи насекаде низ светот, па и кај нас како краткотраен аналгетик, односно лек против болки. Но, лекарите често го препишуваат како лек за хронична болка, иако неговиот долгорочен ефект всушност е неистражен.
Универзитетот во Единбург спроведе студија која покажа дека луѓето со висок крвен притисок, кои пијат парацетамол, може да имаат зголемен ризик од срцев удар и мозочен удар.
Учествувале 110 волонтери, од кои две третини имале проблем со притисокот. Им било дадено да пијат грам парацетамол четири пати на ден, што е вообичаена доза што им се препишува на пациенти со хронична болка.
Утврдено е дека парацетамолот го покачува крвниот притисок, што значи дека создал услови и за срцев или мозочен удар, изјави фармакологот проф. Џејмс Дир од Единбург.
Ова не е прва студија од ваков вид, бидејќи една поголема студија во Америка покажа дека долготрајната употреба на парацетамол го зголемува ризикот од срцев удар. Но, таа студија има официјална маана – се потврди дека луѓето имаат поголем ризик, но не е потврдено како е предизвикан.
Парацетамол, инаку, често се препишува на луѓе кои имаат висок крвен притисок, бидејќи се верува дека нема да влијае како лековите што содржат ибупрофен, како што е бруфен.