Денот кога Бугарија стави вето за почеток на пристапните преговори на ЕУ со Македонија не беше добар, ниту за Европа, ниту за европската перспектива на нашиот регион, а особено не за нас, вели вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во интервју за виенскиот весник „Стандард”.
Тој потенцира дека бугарското вето испраќа многу лош сигнал за регионот на Западен Балкан дека ЕУ не го препозна она што досега го постигна земјава, која во последните три и пол години ги реши проблемите со соседите, направи големи чекори кон отворено, демократско и мултиетничко општество и спроведе реформи за изградба на правна држава.
Сепак, според Димиторв, сега сакаме да го спречиме очајот и национализмот и затоа и доколку не можеме да го одблокираме бугарското вето, се свртуваме кон пријателските држави од Унијата, за да можеме да ги постигнеме европските стандарди без процесот на пристапување кон ЕУ.
– Ако нашиот процес на пристапување се сведе толку многу на билатерален проблем што дискусиите за историјата ќе станат поважни од борбата против корупцијата, независноста на судството, функционирањето на демократските институции, слободата на медиумите, околината и енергијата, тогаш тоа не е процес кој европеизира, туку процес кој балканизира. Затоа нам ни е потребна реформска агенда со мрежа на пријатели кои се тука да ни помогнат и мораме да си поставиме јасни цели и да работиме на нив. Бидејќи не би требало да губиме време, вели Димитров.