Чарлс Дарвин беше во право кога пред речиси два века теоретизираше дека птиците се пошарени колку што се поблиску до екваторот, тврдат британските научници. Нивната студија неодамна беше објавена во списанието „Нејчр еколоџи енд еволушн“.
Користејќи најсовремени методи, тие користеа вештачка интелигенција за да откријат колку бои има на фотографиите на повеќе од 24.000 препарирани птици од колекцијата на Британскиот природонаучен музеј во Хартфордшир и открија дека тропските птици, на кои природното живеалиште им е во близината на екваторот, дури за 30 проценти се пошарени од оние што живеат поблиску до половите.
Благодарение на „длабокото учење“ – специјална техника на вештачка интелигенција, тие извлекоа податоци од пиксели на фотографии и ја идентификуваа бојата на 1.500 различни делови од пердувите на секоја проучувана птица, пренесуваат светските медиуми.
Два века подоцна, експертите го потврдија она што познатите истражувачи како Дарвин, Александар фон Хумболт и Алфред Расел Волес го забележаа за време на нивните експедиции, дека видовите птици, особено врапчињата, сибите, ќосовите и врапчевидните птици, што живеат поблиску до тропските предели се многу пошарени.
Колку се приближуваме до тропските предели, толку е поголемо зголемувањето на различноста на структурата, грациозните форми и мешавините на бои на органскиот свет – напишал германскиот натуралист Хумболт во 1850 година, додека ги истражувал тропските предели.
Фактот дека ист вид птици во различни живеалишта имаат различни бои на пердувите, научниците го поврзаа со живеалиштето и природната потреба на овие птици да се заштитат од напаѓачите. Оние чие живеалиште е во области богати со различни бои имаат шарени пердуви, додека истите видови што живеат далеку од екваторот имаат пердуви со послични бои. Пердувите на птиците од споменатите видови што живеат поблиску до половите се практично униформни, во сиви тонови, слични на боите на средината во која живеат. Токму оваа способност да се „спојуваат“ со околината им обезбедува заштита од предатори.
За време на истражувањето откривме дека изгледот на птиците се менува со околината во која живеат, па колку се поблиску до тропските предели, толку нивните пердуви стануваат пошарени, со светли и живи бои. Сепак, долг е патот пред нас во продолжување на истражувањето, бидејќи има уште многу да се научи за прецизните еколошки и еволутивни фактори што водат до зголемена разновидност на тропските видови – рече д-р Крис Куни од Факултетот за биолошки науки на универзитетот „Шефилд“, кој ова истражување го спроведе заедно со д-р Гевин Томас.