Шпанија воведе нови правила, според кои секој е должен да носи заштитни маски на отворен јавен простор – вклучително и на плажите, пишува The Independent.
Прописите донесени на 30 март предвидуваат сите лица постари од шест години да носат маски за лице „на улица, на отворен простор и на кој било затворен простор што има јавна употреба или е отворен за јавноста“.
Правилата ќе важат за сите јавни простори, дури и ако граѓаните се сончаат на плажа или планинари во околните села.
Правилата ќе важат и за пливачите, според Индепендент.
Тие исто така ги заменуваат претходните локални упатства, кои им дозволуваа на локалните самоуправи да донесуваат свои одлуки за тоа кога и каде мора да се носат маски.
Носењето маски претходно беше задолжително на отворено само кога не можеше да се почитува растојание од еден и пол метар. Сега тоа е точно во секоја ситуација.
Оние кои имаат специфични здравствени состојби и респираторни проблеми се ослободени од носење маска, како и оние кои се занимаваат со индивидуална спортска активност.
Некои региони, како што се Арагон, Астуриас, Кантабриа, Балеарските острови или Кастилја-Ла Манча, досега се придржуваа на законите што беа нешто пофлексибилни, така што сега луѓето во овие делови на Шпанија не можат да одат никаде без маска.
Сепак, некои региони, како Андалузија или Мадрид, претходно одлучија дека носењето маски е задолжително во секоја ситуација, па луѓето таму можеби дури и не ја забележуваат разликата, пишува шпанскиот портал Локал.
Објавувањето на новите правила ги налути некои во туристичката индустрија, кои стравуваат дека ограничувањата може да ги спречат туристите да дојдат во Шпанија ова лето.
Шпанија се подготвува да ги отвори своите граници за повеќе туристи оваа година, кога инокулацијата на населението е поголема.