Главната научничка во „Биоeнтек“, Озлем Туречи, најави дека ќе биде потребна трета доза од вакцината, но дека составот на вакцините нема дополнително да се модифицира поради делта сојот на вирусот.
Туречи, една од основачите на германската компанија која произведува вакцини против коронавирус во соработка со „Фајзер“, за време на прес-конференција објави дека третата доза, која се нарекува засилување или „бустер доза“, треба да се даде една година по првиот циклус на вакцинација, пренесува „Политико“.
Претставничката на „Биоeнтек“ верува дека вакцината сега не треба дополнително да се модифицира, но тоа не значи дека и во иднина нема да има потреба од тоа. Генералниот директор на германската компанија, Угур Сахин, е на став дека на вакцината ќе се работи во следните шест до 12 месеци, поради евентуална појава на нови соеви.