Преписките помеѓу двете најголеми современи имиња во европската книжевност – Басата и Јерговиќ се објавени во книга „Вториот круг“ (Drugi krug).
Книгата е во издане на српската издавачка куќа „Лагуна“, а издадена е во 2015 година.
Преписките помеѓу Светислав Басара и Миљенко Јерговиќ се лични, авторите еден на друг се обраќаат на „ти“ и многу често зборуваат од позиција на прво лице еднина.
Но, значењето на книгата компонирана од нивните преписки се состои во тоа што авторите во писмата разгледуваат современи општествени текови, настани, методологии, но и споделуваат животни мудрости, искуства и позиции во однос на перенијални филозофски прашања.
Во едно од писмата Басара му посочува на Јерговиќ дека се обидува да се сврти кон себе и да го пронајде својот мир по голем број на настани на кои сведочел за време на неговата посета на саем на книга во Нови Сад.
Басара наведува дека се чувствува вознемирено бидејќи забележува дека сите луѓе кои се наоѓале на саемот биле во постојано брзање што ја продлабочува вознемиреноста и хистеријата.
–Кога се вратив во село, помислив дека сите кои се муваа по саемот исто така беа вознемирени, бар колку и јас, но мнозинството од нив беа веќе навикнати на вознемиреноста, како на нормална состојба. Тоа се, во најголем дел, млади девојки и момчиња , кои се родени во атмосфера на вознемиреност и хистерија, тие не се сеќаваат на прединформатичкото време и се подготвени да се помачат за да се изборат за своето место во светот на „утреденицата“.
Басара исто така оценува дека поради информациската револуција, луѓето се навикнати да бидат распрскани насекаде, скоро на сите страни, но тие никогаш не се наоѓаат во себе и не остануваат со себе сами!