Русија зависна од кинески увоз на оптички влакна по украинските напади врз домашната фабрика, таа остана без сопствено производство на оптички влакна откако единствената домашна фабрика е надвор од функција од мај 2025 година, по украинските напади, објави рускиот деловен весник Ведомости.

Фабриката, управувана од компанијата Optic Fiber Systems во градот Саранск, била оштетена во серија напади во април и мај 2025 година и сѐ уште не го обновила производството. Пред прекинот, капацитетот изнесувал околу четири милиони километри оптички влакна годишно, со што се снабдувале околу 20 руски производители на кабли.

Целосна зависност од Кина и раст на цените

По затворањето на погонот, руските компании се целосно зависни од увоз од Кина – клучна компонента за телекомуникациски мрежи и воени дронови. Според податоците објавени во Ведомости, кинеските добавувачи ги зголемиле цените за руските купувачи од почетокот на 2026 година.

Цената на влакното од типот G.652D, широко користено во телекомуникациски кабли, пораснала од 16 јуани по километар на почетокот на 2025 година на 40 јуани во јануари 2026 година. Аналитичарот Чун Шенг од Beijing University of Posts and Telecommunications изјавил дека Русија учествувала со 10,5% во глобалната потрошувачка на оптички влакна во 2025 година, со речиси 60 милиони километри набавени во текот на годината.

Оптичките влакна и воената употреба

И Русија и Украина сѐ повеќе користат оптички кабли за управување со дронови на растојание до 50 километри, со што тие стануваат отпорни на електронско попречување. Зголемената воена и технолошка побарувачка, како и глобалниот раст на инфраструктурата за вештачка интелигенција, придонесуваат за недостиг и дополнителен раст на цените.

Според експертите, главниот ризик повеќе не е цената, туку достапноста на суровините. Производителите предупредуваат дека зголемените трошоци ќе се прелеат врз цените на телекомуникациските услуги и изградбата на мрежна инфраструктура во Русија.