Емил Шулајковски (роден 1969 во Скопје) во изложбениот салон на галеријата Чифте Амам се претстави со дела работени во последните неколку години. Носејќи се со идејата да презентира најнови дела кои не се изложувани, овојпат тоа го направи со самостојната изложба на триесет години негуван цртеж под наслов „Сенки во облаците”. Всушност, станува збор за презентирање на асоцијативно сликарство кое во својата лирска варијанта е поделено во пет циклуси работени во техника масло и акрил на платно: „Рефлексии на моментот”,  „Градина на задоволствата”, „Виор во мислите”, „Трансформација на симболите” и „Сенки во облаците”.

Својот современ третман и смислата за ликовен јазик ги доловува со помош на експлозија на боите и спонтан ракопис на слободно нафрлени колоритни фрагменти. Ова асоцијативно-акционо сликарство кое води кон апстрактен експресионизам, особено во непосредниот карактер оддава смисла за сосем нереални и неопипливи форми компонирани во еден апстрактен амбиент и интензивни бои кои се разлеани во слободни и необврзани флеки. Во овој контекст, бојата сега добива психолошки карактеристики, а не само естетски вредности, согласно со зборовите на Гоген, цитирам:

Бојата е треперење исто колку и музиката, способна да го досегне најопштото и најнеопределеното што постои во природата:нејзината внатрешна сила.

Изградувањето на својот ликовен свет Емил Шулајковски го подредува во визуелни податоци со кои започнува неговото истражување кадешто од пределот и надворешната стварност остануваат само синтетизирани знаци кои водат кон подлабок и побитен слој, кон мистична внатрешна конструкција на целината. Оттука, авторот при создавањето на делото е воден од интимен порив за отфрлање на рационалната свест, т.е. емоцијата е сведена на состојба на интуитивно, спонтано доживување и експресионистички гест.

Впрочем, ликовниот израз подразбира изразување на некаква внатрешна состојба на уметникот која уште повеќе се потенцира во потегот со четката и колоритниот хармоничен транс кој е снажен, повеќеслоен, драматичен и нагласен. Инспиративниот мотив е преточен низ индивидуалната призма на уметникот во еден свет на боја-материја, која изразува најразновидни чувства, расположби и атмосфера, што е уште еден доказ за карактерот на сликарството на Емил Шулајковски.

Во овие медитативни циклуси јасна е опсесијата на пастуозен колористички блесок и творечки екстатичен грч. Веројатно без оглед на стилските карактеристики сликите на Емил Шулајковски зрачат како екстракт на животот втиснат во боја и материја, во која е содржана смислата на неговата ликовна естетика. Со еден збор, ова е сликарство кое открива поетска и лирска хармонија во работата, усогласена со ликовните барања на уметникот, кои овојпат немаат големи отксокнувања во поглед на ликовно-содржинскиот дискурс на делото, но пулсира со јасен и континуиран правец и област во ликовната уметност која носи повисоки резултати.

Автор: Марија Стојческа