Ликовното творештво на академскиот сликар Ордан Петлевски (роден во Прилеп, 1930-1997) открива ликовен уметник кој педантно и минуциозно ги обликува формите на своите творби, кои оставаат впечаток на виртуозна и чиста изработка.
Станува збор за едно естетско сликарско доживување со особености на апстрактно-биоморфни, органски, надреални и фантастични форми. Како еден од основачите на современата македонска и хрватска ликовна уметност, како и еден од иницијаторите за основање на Музејот на современа уметност во Скопје во 1963 година, тој поголем дел од својот живот го поминал во Загреб, каде што освен со сликарство, се занимавал и со креирање на илустрации за книги.
Негувајќи солиден цртеж, Петлевски сето свое внимание го свртува кон нефигуративното, кон разлеани и мрежести органски форми кои ја продолжуваат неговата ликовна мисла во правец на едно надреалистичко кажување неразработено до крај.
Метафизичките намери ги продлабочува со навлегување во потсвесното, откажувајќи се целосно од појавното, и враќање кон архетипскиот модел. Потаму, овие органски форми изработени често во груби материјали, наликуваат на некакви тотемистички и монументални дела кои во техничка смисла асоцираат на стилот на арт брут и енформел или тн сликарство на материја.
Воочливо во ова сликарство е дека тешко е да се постават егзактно граници меѓу фигуративното и апстрактното, но јасно е дека изворното произлегува од една внатрешна нужност т.е. во создавање на хармонични облици, кои се во колерација со психичката длабока расположба на авторот со отсуство на претходно размислување. Во овој контекст, Василиј Кандински е сосема јасен, цитирам:
Обликот не претставува ништо друго освен јасно разграничување на една површина од друга. Тоа е нејзина ознака на надворешното. Но, како секое надворешно крие во себе безусловно внатрешно, така секој облик има внатрешна содржина. Всушност, обликот е израз на внатрешната содржина.
Имено, секој дел на платното е речиси исполнет со асоцијативни антропоморфни детали кои го живеат својот заеднички живот како своевиден сплет на организми, технички совесно изведени. Покрај ова, сликите на Петлевски носат во себе суптилни тонски решенија и валер на боја, со акценти кои втонуваат во општа придушеност.
Тоа се слики полни со особеност на некаква апстрактна иконичност, на деформирани форми и облици испреплетени во сплет на некакво таинствено постоење. На моменти ова сликарство води кон реминисценции на делата на шпанскиот надреалист Хуан Миро, особено во делот на нафрлените и испрсканите апстрактни облици на т.н. „биоморфна апстракција”. Впрочем, материјата е надворешен знак и замена за телото, додека пак специфичната метаморфоза на облиците во материја доведува до еден изгубен идентитет, бидејќи на тој начин се распаднале и се укинале себеси.
Ордан Петлевски е целосно свртен кон сопствениот свет во постојана потрага по структура на своите асоцијативни органски форми. Имагинарните форми се емотивно обоени и тоа ги прави овие посни и монохромни површини (смирената компонента) оживеани со суптилни груби рустикални наноси и потези (немирната компонента), достапни и прифатливи како ликовен јазик со современ сензибилитет.
Неговиот сензибилитет се заснова на контролирана пиктурална патина и медитација, организирана во неправилни спонтани форми, доведувајќи ја до суптилни акорди со постепено барање на саканиот тон, боја и материјал. Всушност, во повеќето платна тој успева да постигне хармонија и деликатни апстрактни созвучја поникнати во интимата. Тоа се чувствата преку кои се препознава Ордан Петлевски и во случај кога користи необичен и мултимедијален ликовен јазик.
Автор:Марија Стојческа