Скоро секој современик е вмрежен во глобалната мрежа во која покрај проток на информации и дигитални содржини, се одвива и процес на комуникација, информирање, искажување на политички ставови, повикување на акции и сл.
Социјалните мрежи денеска играат улога на гласило за промоција на производи, пазар на кој се нудат разни производи и услуги, се прават трансфери на пари и сл. Фејсбук нуди можности за спонзорирани објави кои стигнуваат до поголем број заинтересирани клиенти, па наместо во маркетинг агенции, за реклама и понуда можете да се обратите преку еден едноставен клик на социјалните мрежи.
Освен комуникација, или како што популарно се нарекува „четување“ неврзан разговор, социјалните мрежи често се користат и за изразување на политички ставови или ставови поврзани со теми актуелни за заедницата. Политичарите, јавните личности, новинарите и други агенси од јавниот свет, покрај своите лични профили креираат и страници кои ги врзуваат исклучиво со нивното јавно или политичко дејствување, ја презентираат својата работа, го „ловат“ електоратот или едноставно сакаат да пренесат некоја порака до поголем број луѓе.
Разни опции на социјалните мрежи овозможуваат пред се, селекција на публиката, насочена комуникација и ефикасен, симетричен трансфер на порака до поголем број луѓе, со цел да се заштеди време и простор. Политичарот нема потреба да излегува на терен и разговара со секој поединечно, доволно е своите гледишта за некој проблем или тема да ги искаже на својата фејсбук страница и по автоматизам тие стигнуваат до поголем број луѓе.
Од таа причина фејсбук страниците на политичарите дури и од медиумите и надлежните институции се земаат како официјални извори на податоци, а политичарите не се заинтересирани да се појавуваат на другите медиуми, затоа што едноставно имаат достапност до секој граѓанин преку нивните фејсбук страници. Во денешно време има и политичари кои се тотални „ѕвезди“ на социјалните мрежи и чие присуство најмногу може да се забележи токму таму, наместо на говорница, медиумски настап и сл.
За пример, твитер налогот на Трамп и неговото укинување предизвикаа светско внимание и тој настан беше разгледуван низ призма на цензура, загрозување на слобода на говор, но од друга страна и како поставување на регулативи и правила на виртуелниот простор кои дефинитивно недостасуваат.
Зошто социјалните мрежи го успиваат граѓанскиот отпор?
Секој поединец има слободен и бесплатен пристап до социјалните мрежи со единствено креирање на својот налог. На налозите секој слободно може да го искаже својот став по одредена тема. Обично, поради ограничувањето на просторот, корисниците на налозите пишуваат кратки, ефектни пораки, во кои се собрани субјективни, афективни или емотивни позиции кон темата што се коментира.
На тој начин социјалните мрежи создаваат вакум простор помеѓу искажаниот став како позиција и преземањето акција. Бидејќи изразувањето на ставот како врв на слободата на говор во демократски контекст на вредности, веќе значи преземена акција. Затоа една напишана објава на фејсбук налог често се изедначува како граѓански активизам, па наместо на улици, во институции или медиуми, луѓето избираат својот отпор, револт и непослушност да ги прикажат зад своите тастатури во удобно домашно опкружување.
На тој начин примарниот нагон за спротиставување и пружање отпор наместо на вистинско место, завршува испишано на ѕид на нечиј личен налог и нема никаква применлива вредност освен што ќе собере истомисленици.
Лажни налози потребни за релативизација
Не е тајна дека скоро секоја политичка партија во Македонија града „бот системи“ односно редакции во кои седат мал број луѓе со повеќе неидентификувани налози на социјалните мрежи кои се одговорни да го потискуваат јавното мнение.
На пример доколку опозицијата повика на протест пред Собрание против промена на Устав, со цел релативизирање на протестот голем број коментари и реакции ќе насочат во сосема спротивна насока односно создавање на т.н. против отпор кој го неутрализира почетниот.
Со оглед на тоа што социјалните мрежи денеска играат значајна улога во креирање на јавното мнение, бидејќи имаат опција да реагирате, подржите или не подржите нечие мислење, да коментирате и т.н, тоа е просторот каде се дискутираат значајни теми и на кој можете да го почувствувате пулсот на луѓето. За жал социјалните мрежи нудат само привиден пристап до општа слика за состојбите во јавното мнение баш поради голем број на неидетификувани или лажни налози.
Револуцијата не е можна
Револуција во демократските општества не е можна токму поради тоа што не постои една универзална позиција околу која е можно сеопшто обединување. Можноста за брза транзиција со покажување на општ граѓански отпор, уште повеќе е разништана со социјалните мрежи.
Денеска протести се закажуваат на социјалните мрежи, имаат агенда, испланирано е присуството на луѓето кои протестираат и обично се држани под контрола на органите за безбедност. Спонтанитетот кој е примарна искра за револуцинерен потег и граѓански отпор е целосно заменет со предвидливи протести, исценирани, протести кои се контаминирани со идеолошка или партиска поврзаност.
Автор: Магдалена Стојмановиќ