Игор Трпчески е македонски актер во НТ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Покрај актерството Трпчески се занимава и со поезија и друг тип на уметности. Во македонската јавност е познат по улогата „Итар Пејо“ во ТВ серијата „Авантурите на Итар Пејо“.

Во интервјуто за „Мој збор“ Трпчески ни откри како театарската улога го обликува однесувањето на актерот, колку актерот треба да се доближи до својата улога и на кој начин тоа го прави, каква сличност наоѓа помеѓу поезијата и театарот и колку ги памети репрликите од театарските претстави и ги усвојува како своја животна филозофија.

Што значи за тебе театарот и колку улогата го менува твоето однесување? Дали си забележал дека прифаќаш некои карактеристики како ликот кој го играш на сцена?

Трпчески: Мојот живот стана театар, уште во првите мигови кога се запишав на ФДУ во Скопје, каде дојдов „како падобранец“ од средното фискултурно училиште. Стравот дека доаѓам од несоодветна средина ме примора да се затрупам со стручна литература, која патем речено, тогаш не беше преведена на македонски јазик, за да го надокнадам она што сум го пропуштил.

Подоцна разбрав дека она што го сметав за мој недостаток, всушност многу ми помогна во градењето вистински однос кон професијата. Се разбира дека улогите влијаат на некој подсвесен начин, особено во периодот на нивното создавање, но дека тие го промениле моето однесување приватно не е точно.

Всеволод Меерхолд во своето кратко но многу содржајно дело Етика ќе рече: „На актерот му е потребно многу повеќе труд и енергија, да излезе од улогата на убиец, отколку на вистинскиот убиецот, да изврши грозоморно дело.“

Ние си играме со чувства, а секој искусен човек знае, дека тоа не е играчка и дека лесно може да стане плачка. А доколку сум прифатил некои карактеристики од улогите, тоа сигурно било од причина што нешто сум научил од нив.

Дали сметаш дека карактерот и особините на еден човек надвор од театарската улога се важни за режисерот да ја додели улогата по аналогија или компарација на сличности измеѓу реалниот карактер и улогата?

Трпчески: Јас на моја голема радост по завршувањето на ФДУ и неколку годишна професионална работа во народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, завршив специјализација за театарска режија на НАТФИС во Софија кај еден исклучителен педагог Крикор Азарјан.

Она што од него го научив е од непроценлива вредност за мене. Меѓу другото кога колегите се оправдуваа за своите погрешни поставки со карактерот на актерите, тој велеше:

Мене не ми е важно каков човек е тој, јас сакам да видам, дали ја извршува задачата која сте му ја довериле.

Во театарскиот свет се вели: „Поделбата на улогите е половина завршена работа.“ Но дури и актерот да изгледа идеално како ликот кој треба да го игра, доколку нема вистински задачи добиени од режисерот, не е можна добра улога.

Каква врска пронаоѓаш помеѓу актерството и поезијата и дали можеби се согласуваш дека човек кој се занимава со еден тип на уметност мора да ги разбира сите останати барем во одредена мерка?

Трпчески: Театарот е спој на сите познати уметности на едно место. Затоа е толку сложен и комплексен систем кој дури и најсовремената технологија не може да го замени. Не мислам дека актерот МОРА да ги разбира и останатите уметности, но се разбира дека е голема предност кога тој има афинитети или во најмала рака интерес и за другите, особено во процес на креирање на заедничко дело. Врските помеѓу може да се и невидливи, но во никој случај не се и бескорисни.

Јас поезијата ја засакав уште како дете. Членував во рецитаторската секција при ОУ „Кочо Рацин“ во Прилеп и имавме бројни настапи и одлични наставнички по македонски јазик Вера Карева и Нада Човкароска. Овде би сакал да раскажам и еден спомен со мојот покоен татко Анастас, кој со еден негов коментар ми отвори толку многу светови во поезијата.

Имено, бидејќи членував во рецитаторските секции и добивав многу пофалби од споменатите наставнички, во одредена прилика можеби за да се пофалам или да се направам важен, го замолив татко ми да ме преслуша за една песна која ја спремав за на училиште и бидејќи веќе ја знаев наизуст му ја изрецитирав како „од пушка“ и се разбира очекував тој да ме пофали…

Но ме збуни неговата реакција и израз на лицето кој како да ми покажуваше дека нешто не е во ред. – Што е работата? реков. – Ја кажав цела без грешка? – Да…рече тој – Ги кажа сите зборови, но јас не гледам дека ги разбираш.

Пробај да ја кажeш повторно, но сега пополека, мисли што кажуваш и обиди се да ме однесеш и мене на местата за кои што зборуваш. Го послушав но не почувствував голема разлика во моментот, но кога ја кажав песната на училиште и кога наставничката се расплака пред целиот клас, разбрав колку неговиот совет ми помогнал и за прв пат ја почувствував силата на зборот и поезијата.

Игор Трпчески ©Prosperium Films
Зошто на актерите им се доделуваат имиња на ликови што ги глумат? Дали актерските улоги кои ја одбележале твојата кариера се дел од твојот идентитет и начин на кој луѓето те препознаваат и кој ти е најдрагиот лик што си го глумел?

Трпчески: Јас не познавам актер кому дале прекар според одреден лик кој го одиграл во театар. Можеби не ги познавам сите, но да имаше некој кого го викаат Хамлет, Ричард Tрети, Астров, Калигула или Макбет, сигурно ќе имав чуено за тоа.

За жал нашиот театар колку и да е амбициозен, нема таква постпродукција за одредена претстава да се игра повеќе десетици години, па актерот да остане запаметен по својот лик. Во историјата на македонскиот театар има само две претстави за кои јас знам, кои се играле на репертоар толку време.

Солунски патрдии и Буре барут. Од првата навистина многу од ликовите останаа запаметени како Цанде, Пејо, Аџи Јанкула, Секула, Кир Таки, Фатиме и други, но мислам дека тие стана толку популарни дури после ТВ серијата која долго се емитуваше.

Еве јас по дваесет и пет годишна работа во прилепскиот театар и како гостин во МНТ Скопје, НТ Битола, НТ Куманово, НТ ЈХК-Џинот во Велес, никој не ме препознава по ликовите кои сум ги одиграл на сцена, а ги има повеќе од педесет, а само по една серија која и не беше можеби толку успешна за мој вкус, цела Македонија ме препознава и дури ме ословува како Итар Пејо.

Има ли вистина во тоа дека актерите најслободно се чувствуваат во театар, затоа што тоа е нивната говорница, местото од каде испраќаат порака, ги изразуваат своите ставови и светогледи и се тоа преку уметничка слобода која им обезбедува алиби? Постои ли вистина во тоа дека актерите ги користат своите улоги за преку нив да зборуваат во прво лице еднина?

Трпчески: Ниту еден уметнички израз не обезбедува алиби, доколку имате што да кажете и го правите тоа јавно. Особено ако тоа се однесува на општественото живеење, а уште повеќе ако тоа изврши некакво влијание. Сцената не е место каде ние се обидуваме да ги сокриеме нашите ставови туку напротив, без разлика дали се обраќаме од името на некој лик, ние кажуваме наш личен став. Доколку тоа не е така, тогаш она што сме го направиле не е дело вредно за почит.

Дали актерството ти помогна полесно да профилираш личности што ги среќаваш и надвор од театарот и да процениш кој човек во кој тип на личност спаѓа?

Трпчески: Професијата актер се однесува на повеќе работи. Работа на себе, што подразбира и физичка, интелектуална и духовна работа и набљудување, истрајност и верба. Се разбира дека сето тоа е тесно поврзано на најразлични начини. Јас на многу чуден начин разбрав дека сум бил наивен човек. Имав дваесет години кога еден постар колега ми рече: – Абе Игорче ти се однесуваш како да мислиш дека нема лоши луѓе во светов. Бев навистина шокиран кога сфатив дека е сосема во право и дека јас ги гледам луѓето само низ сопствената призма, верував дека сите луѓе се добри.

За жал тогаш почнав да се сомневам во луѓето и да ги преиспитувам нивните постапки, оти не секогаш луѓето кажуваат што навистина мислат. Набљудувањето се разбира ми помогна полесно да профилирам личности, но тоа се однесува на надворешните карактеристики, дали е човек колерик, сангвиник, флегматик или меланхолик. Но, каков однос ќе изградиме ние со било кој од овие личности зависи од двете страни.

Ако можеш да избереш една омилена реплика од театарска претстава која досега си ја глумел која би била таа?

Трпчески: За мене како актер сите одиграни улоги се значајни како насловните така и епизодните. Затоа што сум разбрал дека, претставата е колективно творештво и секој кој е на сцена или зад сцена учествува во делото и може да го подобри или да го расипе резултатот до кој се стигнало.

Да одберам една реплика од толку големи светски и домашни автори е навистина тешка и неблагодарна работа, но доколку морам ќе го кажам следново. Сите претстави ги сакам подеднакво, но најдраги ми се оние кои се сѐ уште живи, кои сеуште се играат.

Во моментов ја обновувам монодрамата „Лидија или се што знам за жените“ од Тихомир Јанчовски, која имаше тешка судбина да се појави на сцена на крајот на декември 2019 година, а бргу потоа театарот поради здравствените протоколи кои ја зафатија цела планета скоро да замре и претставата доживеа само три изведби во четири години, што е најтрагичното нешто што може да му се случи на секој театарски проект.

Ќе издвојам една реплика од неа со надеж дека ќе доживее повеќе изведби.

Колку и да е убава, уметноста е само слугинка на животот, негова рефлексија и обид за осмислување и облагородување. Самата таа, не е живот. Смртни сме, а бесмртноста е во силата на несебичните дела на љубовта што човек ги направил и тие се вградиле во големата тврдина на доброто, во видливиот и невидливиот свет.

Интервјуто го спроведе: Магдалена Стојмановиќ

 

Можеби ќе ве интересира: