Во констелацијата на современата македонска уметност многу често модерните светски правци и стилови во уметноста се доведуваат во директна врска со индивидуалното творештво на одредени уметници. Истите тие се третираат како авангардни и прифатливи ако се има предвид средината во кои се појавуваат.
Имено, таков индивидуален печат во контекстот на прифатената ликовна естетика се сретнува и во творештвото на уметницата Нарциса Андреевска (родена 1963 во Скопје), дипломирана сликарка во класата на професор Димитар Кондовски, со театарска, филмска и ТВ сценографија. Иако не толку присутна на ликовната сцена, нејзиниот исклучителен сликарски сензибилитет изразен низ маслата на платно претставува за нас набљудувачите предизвик.
Својот асоцијативен и апстрактен светоглед го изразува со специфично и густо нанесена колоритна гама, така што создава правоаголна форма и фрагменти на пејзажи со кои ја отсликува својата интима. Преку нејзината определба која е повеќе наклонета кон апстрактно себепрезентирање, навлегуваме во своевидна сфера на интуитивно и поетско доживување на нештата, кои Нарциса ги синтетизира во една духовно-апстрахирана ликовна целина.
За да ја придобие сликарската површина со своите емоции и сенс, таа ја користи бојата, потегот и формата, при што, со секоја анализа на делото авторката не води низ промените во својот живот и следење на нејзината развојна линија, како два паралелни животи. Она што е впечатливо во делата на Нарциса е нејзината страст и спонтан потег со четка со која го нанесува густиот колорит, индицирајќи наклонетост кон експресионистички апстрактни созвучја.
Овие слики се визуелни симфонии во кои низ пулсирачкото прелевање, проткајување, меѓусебно мешање и фузија на бои, создава нови неоткриени созвучја и виртуозитет на низа потези на боја, кои во крајна линија иницираат формирање на хармонична целина. Така на пример, во делото „Хоризонт” доминантна е црвената боја, боја која со својот силен хроматизам се надоврзува на теоријата на Василиј Кандински, кој во книгата „За духовното во уметноста” вели:
Црвеното е боја без граници, суштествено топла, жива одвнатре, бија која се прелева со еден вжештен и вознемирен живот.
Всушност, тој тн музикален ентитет на црвената боја е изразен во сликите на Нарциса Андреевска, преку кој прави обид да впловиме во нејзинот интимен свет.
Потаму, во циклусот масла на платно под наслов „Светлосен извор” извлекува правоаголна рамка, која како илузија на прозорец, претставува сликарски начин со кој ја постигнува целта, толкувајќи ја на повеќе начини: од чисто филозофско-психолошки аспект, но и како најпогоден предмет за реализација на своите субјективни барања или од самата средина во која живее и твори, а која изобилува со разновидни профили на прозорци.
Мултиколоризмот може да се дефинира како прифаќање на чист сензибилитет што би значело еманација на уметниковиот дух, без посредување на други субјекти, освен на директниот однос помеѓу творецот и делото низ бојата, кој во нејзиниот случај се покажува како мошне успешен.
Впрочем, суптилноста на тие бои одекнуваат со поетски сензибилитет низ кои таа сака да го пронајде само за себе својствениот визуелен израз. Ликовната суштина ја открива токму низ играта на хоризонтот, патиштата, фрагментираниот пејзаж, сончевиот пат и сл.; детаи врз кои се засноваат сликите од нејзиното секојдневие и промена на емоциите условени од нејзината внатрешна хармонија.
Сликарството на Нарциса Андреевска има спонтан карактер каде бојата со својот транспарентен интензитет добива една карактеристична динамичност и одредена асоцијативност на некакви предели што е јасен показател дека самата боја има примарна улога во нејзиното творештво. Како средство за експресивно изразување со помош на бојата ја пренесува целата своја духовна сфера на сопственото живеење.
Автор: Марија Стојческа
*Преземањето на текстот без дозвола на уредникот или на авторот ќе се смета за кршење на авторско право.