Средната мерка е етичкиот врв за кој се залага Аристотел во делото посветено на етиката и именувано како „Никомахова етика“. Овој антички филозоф сметал дека во се е потребно да се најде средната мера, со што идејата за средната мера се излева од границите на етичкото и влегува во областа на епистемологијата па и естетиката, бидејќи вистината е како што вели и народната поговорка „некаде на средината“, а тежата кон една средна вредност ја создава и симетријата и пропорцијата што се нужен услов нешто да го наречеме „објективно убаво“.
Да се биде умерен во етичка смисла, значи етичкиот суд и етичкото дејство да не бидат премногу нагласени или сосема отсутни. Едноставно кажано да бидат умерени.
Умереноста како антички идеал не опстојува во средниот век, поради аскетските настојувања на христијанската етика. Во филозофијата и во историјата на западната човечка мисла, големо влијание извршиле језуитите или „Исусовците“ кои се залагале за аскетизам и отсуство на врска со материјалните работи кои не опкружуваат. Језуитите сметале дека ништо на овој свет не е наше, туку му припаѓа на Бог кој во таа смисла се смета како прва причина или творец.
Идеалот за умереноста „воскреснува“ со воскресението на антиката во периодот на хуманизмот, ренесансата и класицизмот. Што е видливо и во филозофијата, а особено во уметноста. Познатата скица „Витрувијански човек“ на Леондардо да Винчи, открива дека златниот пресек или средната вредност е критериумот за естетичката категорија „убаво“. Умереността во епистемолошка смисла, значи барање на соодветен метод за пристапување кон вистината поради апсолутистичкиот и догматски пристап кој долго време се задржал во филозофијата.
Но умереноста полека исчезнува од сцената со барокот, и целосно со модернизмот. Умереноста престанува да биде идеал и во уметноста и во науката и во човечката мисла воопшто. Овие импликаии се согледуваат и во етиката. Отсуството на умереноста кај човештвото ги донесе двете светски војни и употребата на нуклеарното оружје. Оттогаш па се до денеска умереноста нема вредност ни колку вредност на тоалетна хартија.
Импликациите на умереност во поединечен живот
Отсуството на умереност во поединечен живот ги направи популарни силиконските барбики со пренагласени сексуални атрибути и естетската хирургија како најпрофитабилна гранка во рамките на современата медицина. Отсуството на умереност има директни импликации во естетиката, па затоа за убави денеска се сметаат жени со претенки половини и преголеми гради и мажи со пренагласени мускули на своето тело.
Во етичка смисла пак, недостаток на умереност ги направи луѓето борци за скандали со цел да го добијат вниманието од другите. Денеска луѓето многу повеќе зборуваат за скандали и за претерани ставови и етички судови, што ја прави жолтата штампа присутна во многу поголем тираж одошто списание за уметност и култура. Да се биде забележан денеска значи да се биде што е можно поскандалозен и неумерен. Популарноста доаѓа правопропорционално со неумереноста. Луѓето се подготвени до таа мерка да ја тргаат границата на сопствените лудории, само да бидат забележани од семејството, пријателите, колегите или јавноста. Скандалот денеска е идеал. За психолозите полни раце работа поради луѓе кои најмногу викаат, навредуваат, покажуваат агресија, земаат дрога само за да се најинтересни во друштво, се караат со менаџерот за да им се допаднат на колегите или се соблекуваат голи за да добијат неколку новински натписи.
Во епистемолошка смисла, се јавува криза на научниот метод, непостоечка критика од позиција на хуманизам и пребрз развој на техиниката, технологијата и вештачката интелигенција.
Во правна смисла, престапниците ги гледаме како херои, современи олицетворенија на Робин Худ, жртви на правниот систем, на корупцијата и неправедноста. Судовите се арени каде што јавноста следи ефтина забава, а не борба за правда, а во затворите сите се невини!
Зошто луѓето на крај сепак заземаат страна?
Ниту во јавниот дискурс не постои една средина, луѓето секогаш заземаат што е можно порадикални страни. Или се левичари или се десничари, или работите ги судат низ својата идеолошка призма, или секогаш заземаат став на едната позиција и го бранат до крај, напаѓајќи ја крвнички спортивставената позиција.
Поради таа неумереност денеска јавниот свет стана арена на закани, осуди, говор на омраза, епистемолошки полиња кои не дозволуваат проток на оригинални мисти веднаш амортизирајќи еден став како сличен или како опонирачки.
Култура на политички дијалог скоро и да непостои, а јавните дебати се претвораат во навреди, потсмев, напади, па дури и директна физичка агресија.
Култура на неумереност
Што да се очекува од народ чија култура е да може да слави 3 дена, за секој празник да ги полни собите од токсикологија и да смета дека „ќотекот од рајот излегол“. Некоја култура, како што е култура во која јас припаѓам, стимулира неумереност во се. Од животни навики, преку воедење на живот во заедницата преку панданите на ВМРО и СДСМ во плуралистички политички модел до спознавање на светот како место каде што живеат „уроци, гатачки, магии“ и каде што само црвено конче може да те заштити од сите зла во светот.
Културите кои подражаваат неумереност во главно имаат митски поглед на светот, кај нив владее чувство на небезбедност, опасност и закана од се, па затоа и се скептични кон корона, војна во Украина, 5Г мрежа и секако главни во друштво се оние кои се најагресивни, криминалци, промискуитетни или луѓе кои одaмна заборавила и на етика и на Бог.
Автор: Магдалена Стојмановиќ