Скопјани го знаат како излетничко место, меѓу населението познато како „Марково Крувче“, но оваа место е вистински мост помеѓу сегашноста и минатото иако од него денеска се зачувани само остатоци.
Археолошкиот локалитет „Маркови Кули“ денеска е незаштитен од интитуциите на културата, археолошките здруженија, но и од граѓаните кои го користат како излетничко место и зад себе оставаат голем број на пластични отпадоци. Од тие причини денеска, посетата на Маркови Кули повеќе наликува на посета на излетничко место кое често знае да наликува на депонија.
Остатоците од Марковите кули се во лоша состојба и под секојдневно распаѓање
Чрнче или Маркови Кули е археолошка област кое се наоѓа на месноста Марково Крувче на планината Водно, на само 4,5 км југоисточно од центарот на Скопје.
Најстарите остатоци датираат од VI век, а големината на кулите се проценува дека биле 360 x 90м. При ископувањата направени во периодот од 1976 до 1980 година откриени се монети користени во времето на владеењето на Јустинијан I. Излгедот и градбата на Марковите Кули, заклучно со кулите кои биле 40 на број, но и развиената водоводна мрежа несомнено потврдуваат дека град Скопје во римскиот период бил всушност римскиот град Јустинијана Прима.
Но и покрај огромното значење кое овој археолошки локалитет го има за историјата на Скопје, сепак надлежните институции малку направиле да го сочуваат од нападот на времето и распаѓањето.
Доколку се упатите на Марковите Кули денеска, ќе забележите дека просторот е претворен во излетничко место. Поставени се дрвени клупи и маси за седење, а пристапот до нив е преку физички премин над остатоците од Чрнче. Објектот не е заштитетен, ниту е реставриран, поради што наликува на пространа руина во која несовесните посетители зад себе ги оставаат пластичните шишиња и кеси од храна.
Надлежните институции го запоставиле капиталниот објект на Скопје
При движењето околку објектот Маркови Кули нема да забележите ниту една табла на која пишува дека објектот е заштитен или под надзор на Министерството за култура или археолошките здруженија. Изгледа како објектот да е оставен целосно на милост и немилост на граѓаните, кои судејќи според глетката немаат совесен однос кон археолошкиот локалитет.
Од Општината Сопиште на чија територија се наоѓа областа Марково Крувче, тврдат дека редовно праќаат екипи за чистење на сите диви депонии низ општината, вклучително и ѓубрето кое се остава на излетничките места. Најголем проблем е тоа што во непосредна близина на Маркови Кули поминува пат кој ја поврзува областа со Средно Водно, кој е изграден, но се уште не е пуштен во употреба поради направените проценки од безбедносен ризик.
Поради затвореноста на патот и чекање на одлуката тој да се пушти во употреба, теренот е непристапен за чистење и средување, па комуналните служби имаат големи проблем со собирање на ѓубрето околу Марковите Кули. Од друга страна патот и покрај тоа што е затворен за возила, ја прави областа пристапна за пешаците. Голем број на луѓето ги оставаат своите возила пред рампата, па пеш се движат до Марковите Кули.
Пристапноста на теренот за пешаци и близината на Марковите Кули го прави прави овој археолошки локалитет, привлечно излетничко место за скопјани.
Соодносот на совесни и несовесни граѓани
На Маркови Кули во периодот на викендите можете да сретнете многу посетители. Голем број од нив со големо внимание го собираат ѓубрето зад себе, но сликата на терен открива дека постои и мал, но сепак значителен број на посетители кои воопшто не се грижи за чистотата и изгледот на излетничкото место.
На Марково Крувче доаѓаме редовно. Со семејството сум тука скоро секој втор викенд. Блиску ни е до дома, нема бучава од коли, природа е и има место каде да си играат децата. Вели Горан К. од Скопје кој е редовен посетител на оваа место.
Тој тврди дека местото се чисти и дека комуналните служби доаѓаат, но сепак не може да постигнат да биде постајно чисто, за тоа им треба соработка и од посетителите.
Знаеме и со сопругата да земеме кеса, додека го собираме нашето ѓубре, да собереме и од тоа што сме го затекнале. Жал ни е вака убаво место да се претвори во депонија. Така сите места си ги огрдивме и се помалку имаме каде да отидеме на излет, вели за „Мој збор“ овој чест посетител на Марково Крувче.
Неопходни се системски решенија да го зачуваме културното и природно богатство
Ниската култура и свест за значењето на културното и природно богатство придонесува за тоа голем број на културни и природни богатства да се предмет на сквернавење и вандализам.
Потребна е зголемена едукација за подигање на свест за значењето на природното и кутлурното богатство за општата популација, но и институционална грижа за носење на системски решенија.
Засега, ниту археолошките здруженија, ниту надлежните институции не нашле решение, па затоа секојдневно сведочиме на природно распаѓање или намерно уништување и сквернавење на еден од најзначајните симболи на град Скопје.
Автор: Магдалена Стојмановиќ