Желбата да се преиспита функционалноста на уметноста, да се демократизира, да се сруши старото и класично уредување, но и да се воспостави еден нов процес на интервенција во уметноста, најдобро ја презентира родоначелникот на македонската постмодерна уметност, попознат уште како мултимедијален уметник и визионер Александар Станкоски Рембрант (роден 1959 во Кичево).
Како претставник со фасцинантен револуционерен дух, тој е уметник кој создава модел на креативна работа во која добро ја познава стварноста и на неверојатен начин ја трансформира и обновува во свој автентичен ликовен јазик, работејќи во различни медиуми.
Кога станува збор за постмодерната уметност, несомнено, е дека таа произлегува од експериментот и слободната уметничка интерпретација, изразена низ користење на елементи од современата концептуална и мултимедијална уметност, инсталација, интермедија односно колаж, симплификација, уметност на перформанс, апропријација, видео и филм, стрип уметност и сл.
Често провокативен и ироничен во својот ликовен израз, Ацо Станкоски како еден од главните членови на групата „Зеро” (формирана 1985 година како своевиден андерграунд одговор на тогашната уметничка сцена и произлезена како револт кон социјалистиочкиот режим), користи хумористично-гротескен, пародичен, сатиричен и карукатурален израз, каде ги полемизира и се вечна негова преокупација прашањата од политиката, религијата и сексуалноста.
Разгледувајќи го како феномен со посебен стил и интертекстуален ракопис кој познава деликатни расплетувања на историски лавиринти, митолошки и политички теми, може да се констатира дека неговите дела практично егзистираат во својата фрагментарност и автоцитатност како мали камчиња во мозаикот на големите композициски креации. Мешањето на различни стилови, сликарски жанрови и техники во создавање на уметничкото дело претставува привилегија на овој македонски авангарден и контроверзен сликар, како што ќе истакне неговиот долгогодишен соработник Никола Гелевски:
Сликарството е сфатено како техника, медиум и како архива на архетипски мотиви; политиката често е езотерична, „конспиративна“ и карикатурална; сексот е сфатен делумно и како еминентно сликарска тема на истражување на телото и на пријателството.
Во некои од сликите Ацо Станкоски го разголува својот детски свет низ една хронолошка постојаност, автоцитатите ги колажира, пресликува, надсликува и релоцира во нов контекст, т.е. во една поинаква хомогена структура. Со помош на својата визуелна ерудитивност исполнета со креативни идеи и мисловни системи, тој со посредство на повеќето модерни сликарски правци (импресионизам, поентилизам, фовизам, концептуална уметност, кубизам), на некој начин си поигрува со историските личности со цел да ги урне маргинализираните бариери и недостатоци на глобалната транскултурна мрежа.
Во неговите слики, со автоцитирање и цитирање тој ги вкрстува и ги калеми знаците на изминатите историски визуелни искуства и дискурси со сегашните-актуелните. Така на пример во делата: „Изненадување” и „Последната експедиција”, Адолф Хитлер е прикажан како во некаков имагинарен и поентилистички пејзаж, како некаква илузија, но и како импресија, понатаму, библиските теми меѓу кои посебен акцент става на креирањето и деконструирањето на познатата Тајнат вечера на Леонардо Да Винчи ( „Тајна вечера-Дизни”, „Тајна вечера – Матис”, „Тајна вечера во галерија 7”, „Тајна вечера-Маниризам” и сл.), која ја изведува во различен сликарски манир, со цел да долови една своевидна научна теорија на демистификација и карневализација на различните општествено-идеолошки контексти.
Од друга страна, во портретното сликарство на претставените ликови видлива е специфична фотографска реалистичност, со извесна романтичност во погледот и ренесансно мајсторство во техничката изведба („Портрет на баба ми”, „Тетин ми Перо”, „Мајка ми”, „Автопортрет”, „Лео”, „Свештеник” и др.).
Таквиот третман на неговите дела се надоврзува на филозофската доктрина на деконструкција на Жак Дерида, која гласи:
Едно дело не може да се набљудува само како дело на еден творец, туку како резултат на конфликти во внатрешноста на една културна средина или мислење.
Во разновидните циклуси: варијациите на „Бродот на лудите”, „Демонстранти”, „Мајки со деца”, „Нудизми” и други, гласно одекнува хуморот, иронијата, сарказмот, пародијата и травестијата, кои евидентно претставуваат интересна психолошка терапија врз набљудувачот. Меѓу другото, таа состојба при набљудувањето на неговите дела делува катарзично, ослободувајќи го умот од анксиозност, од инхибираност и од наметнати секојдневни општествени фрустрации, и воедно е допадлива по својот чист и прецизен цртеж.
Оттука, може да се забележи впечатокот дека низ призмата на автентична автоскопија, Александар Станкоски со виртуозна умешност и луцидна замисла го распнува човечкото битите, така што играјќи си со своите концепти на поставеност во различни позиции, интеракции и конспирации го презентира индивидуалното, социјалното и политичкото тело.
Автор: Марија Стојческа