Ние, луѓето, сме единствените суштества кои ги усогласуваме нашите животи засновани на временска референца. Така, како што живееме во неизмерно интензивен свет, така копнееме по повеќе време, но и по повеќе од се друго. Сепак, колкумина од вас го користите времето за да чезнеете по позелен и почист свет. Но, ајде да видиме, 2020-та година ни доделува еден дополнителен ден, 29-ти февруари, што е само апстрактна временска рамка, бидејќи, искрено, дали забележавте некоја промена во февруари. Тие 24 часа на доделено време може да биде кога сакате, се додека не го потрошите залудно.


Идустриската револуција беше импресивно откритие, со смртоносно влијание за природата. Луѓето од тоа време откриле дека ако производството е масовно, растот е поголем за сметка на плодната почва и свежата вода за пиење. Сепак, до каде треба да оди овој раст? Дали денешниот капитализмот е во состојба да одговори на ова прашање? Колку што знам, бара само пари и поголема продуктивност, за фабрики што ги преплавуваат пазарите со огромни количини на стока; без никаков план за справување со произведениот вишок. Исто така, не само што е еколошки штетен, туку буди и злонамерен инстинкт за богатство и моќ. Ако ги споменам сите тие ерупции на соперништвa среде сегашнава пандемија, ќе можеме да видиме дека солидарноста е замисла за нас сосема непозната. Како и да е, што друго може да се очекува кога зборовите на Ж. Ж. Русо, „Античките политичари непрестајно зборуваа за моралот и доблеста; нашите политичари зборуваат само за бизнис и пари.“, беа прифатени само како материјали за проучување на филозофијата, попрецизно Просветителството.


Вреди да се посвети дополнителниот ден за да погледнеме кон еден ветувачки отсјај што се појави на самиот почеток од овој век. Тоа е ново разбирање на социјалните принципи, упатства, законодавство, и активности што влијаат на условите за живеење кои се погодни за благосостојбата на човекот, како што е квалитетот на живеење на една личност. Ваквото движење го претставија Мајкл Лови (Michael Löwy) и Џоел Ковел (Joel Kovel). Во Париз, септември 2001 година, тие го објавија „Еко-социјалистичкиот манифест“, нарекувајќи го проект за нова цивилизација, нов начин на живот и во исто време стратегија за промена на сегашниот редослед на нештата; систем ориентиран исклучиво кон профит и продуктивност.


Во таква смисла, да погледнеме што направи Германија не така одамна. Го блокираше преземањето на CureVac, компанија која развива вакцина против „Ковид-19“, од страна на американска корпорација. И не само тоа, туку Германија за 300 милиони евра презеде 23% од сопствеништвото на компанијата, за која инаку не се тргува на берзите. Па така, сега може да тврди дека можната вакцината ќе биде достапна за сите и по разумна цена. Да помислиме ли што би направила една корпорација следејќи ги капиталистичките идеали? Исто така, Германија неодамна, ги удвои стимулациите за купување на електрични автомобили на 130 милијарди евра, индиректно насочувајќи ги автомобилските гиганти, главно Фолксваген, да го забрзаат развојот на ефтини електрични автомобили и хибриди. Верувам, нема да поминат повеќе од неколку години кога сигурно половина од Европа ќе поседува некои од тие модели. Накусо, тоа е еко-социјализмот во пракса, решавајќи го новонастанатиот социјален и еден значителен дел од еколошкиот проблем.


Еко-социјализмот во себе ги содржи еманципаторските цели и ги отфрла ослабените реформистички цели на социјалната демократија и продуктивистичките структури на бирократските отстапувања на социјализмот. Наместо тоа, инсистира да го редефинира патот и целта на социјалистичкото производство во еколошка рамка. Тоа го прави конкретно во однос на „ограничувањe на растот“, кое е неопходно за одржливоста на општеството. Тие се прифаќаат, меѓутоа но не во смисла на наметнување оскудност, тешкотии и репресија. Поточно речено, целта е трансформација на потребите и длабока промена кон квалитативната димензија, а подалеку од квантитативната. Зборувајќи за потребите, треба да размислиме двапати кога ги гледаме сите оние реклами, кои нè повикуваат да поседуваме сè што се појавува на пазарот, како и да го намалиме конзумеризмот колку што е можно повеќе.


Имајќи ги предвид сите овие невољи кои ни се случуваат во последно време, пред сè минатогодишните разорни шумски пожари, не можам да престанам да размислувам дека ако продолжиме со начинот на којшто опстојуваме сега, неизбежно си ги копаме јамите; сите заедно мачно ќе страдаме. Говорејќи за ова, во мојот ум неизбежно се појавуваат стиховите од песната на Пинк Флојд, ‘Breathe’:
Трчај, зајаку трчај. Run, rabbit run
Копај ја таа дупка, заборави го Сонцето, Dig that hole, forget the sun,
И кога конечно работата е завршена And when at last the work is done
Немој да седнеш, време е да ископаш уште една. Don’t sit down it’s time to dig another one.
*слободен превод


А што е со нас во целиот овој контекст? Доволно е да започнеме со фрлање на книшчињата од сендвичите, шишињата од сокчињата и пакетчињата од смоките во кантите за ѓубре, кои оптимално, не би ги запалиме.

Автор: Владимир Јовановски

*Авторот е археолог и турколог